Сите недоразбирања, отворени прашања треба да се решават со визија кон иднината, со заеднички прифатливи решенија и на мирен начин, што значи базирани врз меѓународното право. Тоа ги истакна поранешниот претседател на Владата на Грција, Алексис Ципрас, пред учесниците на Преспа форум дијалогот „Западен Балкан: Делот што недостига за Европа да биде целосна“ што се одржува во Охрид.

Ципрас посочи дека неколку аспекти биле од пресудно значење за успехот во постигнувањето на Договорот од Преспа, оценувајќи го како огромен чекор напред оттамиу што не само што означи разврска на проблем меѓу две земји, туку како одлука што испорачала силна порака до сите на Балканот дека недоразбирањата мора да се надминуваат водејќи сметка за напредокот и иднината.

Како прв предуслов за успешното надминување на недоразбирањата го посочии тоа што за негова реализација се избориле напредни политички сили, оние сили кои верувале дека разликите се надминуваат со заеднички прифатливи решенија.

За нас решение не се конфликтите, споровите ниту студената војна. Ако оставите еден конфликт долго замрзнат, мразот може да го стопат само конфликти. Тој замрзнат проблем креира конфликт, тоа го гледаме во многу земји во светот и го гледаме постојано. Тоа е разликата меѓу напредните и политичарите што градат ѕидови. Конзервативните политичари ги оставаат ѕидовите таму каде што се, ги бојат со различна боја, а отвораат само некоја врата, претежно за економска соработка. Никогаш не се обидуваат да го турнат ѕидот заедно со соседот, стравувајќи дека тој ќе падне и ќе им ја уништи политичката кариера. Ние знаеме колку е тешко да се уриваат ѕидови, но знаеме и како се градат мостови. Тоа го направивме со Зоран со Никола и Никос, рече Ципрас.

Како втор предуслов што придонел за постигнување договор за спорот околу името, тој ја посочи свесноста на обата лидери на двете држави дека решението мора да го донесат самите тие, а не да чекаат тоа да го направи некој друг.

Никогаш не сметавме дека проблемот можат да го решат некои други. Доколку можеа тоа ќе го направеа за периодот од 30 години. Имавме поддршка од ОН и Метју Нимиц, меѓународната заедница и ЕУ, но никогаш не побаравме на друго место политичка волја за решение, рече Ципрас.

Поранешниот грчки премиер потсети на периодот пред 2017 година кога ЕУ одлучи да го замрзне проширувањето кон Балканот и не го менуваше тој став, дури и кога регионот се соочи со бегалската криза.

Ние бевме тие што ја убедивме ЕУ повторно да погледне кон Западниот Балкан и да ги одмрзне тие процеси. Ние како прогресивни политичари ја презедовме задачата да најдеме добро решение. Рековме дека не прифаќаме враќање на државите од Балканот во војни и национализам, рече тој.

Ципрас од говорницата испрати порака до Бугарија со охрабрување да направи исчекор напред.

Знам многу добро колку е тешко да најдеш решение и излез од чувствителни прашања , но неопходно е тоа да го направи за да се отвори процесот. Неопходно е Бугарија да испрати пораката дека дел од иднината на Балканот, европскиот Балкан што можеме и треба да го градиме заедно, а не еден спроти друг…истакна тој, притоа повикувајќи на обнова и на дијалогот меѓу Приштина и Белград.

Според Ципрас, третата причина за успехот на Договорот од Преспа е што и тој и премиерот Зоран Заев како врсници, млади лидери на две држави биле заинтересирани за иднината на обете земји, за иднината на младите генерации на двете држави.

За последните случувања и блокирањето на почетокот на преговорите за членство кон ЕУ Ципрас рече дека може да разбере дека постои разочарување кај народот на С Македонија, но ја нагласи важноста од истрајување во напорите за градење меѓусебна доверба.

Поранешниот специјален посредник на ОН за надминување на спорот околу името, Метју Нимиц, преку видео-линк од Њујорк истакна дека Преспанскиот договор е уникатен договор меѓу две соседни држави што демонстрира што се може да се постигне со добра волја.

Оние кои го преговараа овој договор разбираат дека преговорите одземаат доста време и бараат вистинска решителност и многу работа. Овој процес беше многу поуспешен отколку што можевме да се надеваме, изјави тој.

Според Нимиц, по три години од потпишувањето на Преспанскиот договор, можеме да се каже дека е позитивен пример не само на Балканот туку и во светот, како и оти решенија за долгорочни проблеми се можни.

Нимиц истакна дека Договорот од Преспа е огромен успех за надворешната политика и за дипломатијата, и оти покажува дека проблемите може да се решаваат и меѓусебе, а не да се чека помош од други сили.

Ова е концепт што другите во регионот мора да го следат како пример. Напорите меѓу Македонија и Бугарија треба да се засилат, бидејќи успехот на соседот е вредност од најголемо значење. Економските споротивставувања се решаваат во регионот, но споровите што се однесуваат на идентитетските прашања никогаш нема да се решат бидејќи се многу чувствителни. Прво треба да се изгради атмосфера на пријателство, а потоа дијалог со почит, што ќе доведе до тоа двете страни да не се чувствуваат дека ги преминале своите црвени линии, порача Нимиц.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.