Министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев покрај полициското засилување, ќе побара помош и од војската за запирање на влезот на мигранти во нашата земја преку планината Беласица.

Јас имам намера да разговарам со министерството за одбрана, односно со Армијата, со цел зголемување на бројот на армиски припадници во овој дел од граничното подрачје – рече министерот Чулев, одговарајќи на новинарско прашање што ќе се преземе по секојдневните илегални преминувања на јужната граница од страна на мигрантите.

На прашање од МИА дали некој ќе понесе одговорност што за неполн месец во Струмица се случија три тешки сообраќајни несреќи, во кои загина еден недолжен граѓанин и голем број мигранти се повредени, Чулев рече дека се работи за сообраќајни несреќи кои се расветлени, но дел од транспортерите не се фатени.

Ние ги преземаме сите мерки и активности за нивно спречување и на дневна база токму на планината Беласица постојано се враќаат големи групи на мигранти на грчка територија. Меѓутоа, кога ќе се вратат на грчка територија, пак, речиси, истите мигранти повторно влегуваат по други илегални патишта и потоа дел од нив, оние коишто успеваат се пречекуваат на подножјето на планината Беласица од лидери на криминални структури, кои подоцна со патнички моторни возила ги пренесуваат на северната граница. Имавме две-три сообраќајни несреќи во коишто имаше пренесувано мигранти. Значи, се работи за сообраќајни несреќи кои се расветлени, но дел од транспортерите не се фатени. Секторите за внатрешни работи Струмица и Штип преземаат оперативно активности во оваа насока за идентификување и пронаоѓање и мислам дека веќе има напредни оперативни сознанија за нивно идентификување и нормално е дека ќе биде покрената кривична одговорност за нив – рече Чулев при денешната посета на СВР-Струмица.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.