Јавниот обвинител на Република Македонија, Љубомир Јовески, изјави дека во овој момент не може да се каже која е причината за незгодата.
Јовески, од пред болницата „Пирогов“ во Софија, каде што се сместени седуммина од преживеаните патници од автобуската несреќа, истакна дека можни се два фактори – човечкиот фактор или, пак, техничка неисправност на возилото.
За причините во овој момент не може да се каже. Сите прашања се отворени. Впрочем затоа се води и истрагата. Нашите колеги јавни обвинители од Република Бугарија со кои имаме одлична соработка ги фиксираат сите траги, прибираат податоци и во овој момент не може воопшто ништо да се каже која е причината за незгодата – истакна Јовески и додаде дека станува збор за пообемни вештачења.
Јовески посочи дека обдукцијата на телата ќе се врши во Бугарија, додека биолошките траги на роднините на починатите ќе се земаат во Институтот за судска медицина во Скопје и веднаш ќе бидат доставени во Бугарија.
Телата во моментов се извлекуваат од автобусот, ќе треба да се земат биолошки траги од роднините и очекуваме тој процес многу брзо да заврши – изјави Јовески.
Државниот јавен обвинител посочи дека не станува збор за паралелна истрага.
Со Обвинителството на Бугарија имаме развиено добри колегијални односи. Станува збор да се убрза оваа постапка, да видиме кои документи им се потребни од нашата држава за да може што поскоро да се утврдат сите факти за оваа трагедија – објасни Јовески.
На прашање дали се сретнале со сопственикот на агенцијата, Јовески изјави дека се сретнале, но дека не разговарале.
Ние се сретнавме само таму, но немаше причина да разговараме. Ниту можеме да разговараме, тој во постапката ќе треба да даде соодветна изјава – додаде Јовески.
Во Софија со Јовески е и шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција Вилма Русковска, која посочи дека увидот се уште трае и оти не може да кажа подетални информации.
Според првичните информации нешто што разбравме е дека има удрено во банкина – изјави Рускоска.
Државниот јавен обвинител Јовески изјави дека е уверен оти бугарските лекари и медицинските лица преземаат се што е неопходно за повредените патници и притоа изрази сочувство до семејствата на настраданите за оваа голема трагедија во која загинаа и 12 деца.
Автобусот со македонска регистрација влегол во Бугарија од Турција преку граничниот премин „Капитан Андреево“ нешто по 21 часот, а несреќата се случила околу два часот по македонско време на магистралниот пат „Струма“ на потегот Софија – Благоевград.
Според последните информации, во автобусот имало 53 лица, од кои 46 го загубиле животот, а седуммина повредени се пренесени во болницата во Софија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.