Седницата на Централниот одбор на СДСМ, која беше одложена во вторникот поради тридневната жалост, треба да се одржи вечерва и на неа се очекува да биде разгледана оставката на претседателот на партијата Зоран Заев.

Доколку оставката биде прифатена, почнува постапка за избор на нов претседател на партијата. Според Статутот на партијата, предвиден е рок од 15 дена за распишување внатрепартиски избори за нов претседател на СДСМ. Изборите се непосредни, со тајно гласање за сите пријавени членови. Како што најави самиот Заев, новиот претседател треба да биде и мандатар на новата влада.

Но со овој став не се согласуваат сите во СДСМ. Соговорници на Дојче веле велат дека во овој момент најпродуктивно е идниот лидер на партијата да не биде и мандатар.

Лидерот ќе треба да се посвети на партијата и да ја подготвува за следните парламентарни избори, кога и да бидат тие. Тоа е огромна обврска. Не е добро истата личност да биде и мандатар, и тој ‘дa се тестира’ во време кога земјата е пред енергетски, пандемиски, интеграциски и ред други предизвици. За тоа има доволно компетентни и искусни луѓе во Владата“, вели долгогодишен член на партијата.

Во јавноста веќе кружат неофицијални имиња за иден премиер. Станува збор за сѐ погласните шпекулации дека фаворит за оваа функција е Димитар Ковачевски, актуелен заменик-министер за финансии, претседател на партиската Комисија за финансирање и буџет и член на ИО на СДСМ. Тие шпекулации дополнително добија гласност откако Ковачевски го придружуваше Заев на минатонеделната средба со лидерот на Алтернатива, Африм Гаши.

Легитимно е Заев да биде придружуван на средбата од член на Извршниот одбор, но ако со тоа се сакало да се испрати евентуална порака за преференциите на лидерот, тоа е погрешен потег. Не е заложбата да добиеме октроиран кандидат и октроиран лидер, вели извор од партијата за Дојче веле.


Целиот текст на Дојче веле



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.