На последните три средби на Комсијата не гледам желба за напредок кај бугарските колеги, а тоа се должи на политичката ситуација во Бугарија, вели Драги Ѓоргиев, претседател на македонскиот тим во Заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања. И Петар Тодоров, член на комисијата од македонска страна вели дека таа политизација станува сериозна пречка за функционирање на комисијата.
Ѓоргиев на гостувањето на ТВ Сител посочи дека на одржаниот онлајн 13. состанок на Мешовитата комисија на која изминатите два дена не се постигна никаков резултат, се разговараше за македонските учебници за седмо одделение, додека темата Гоце Делчев воопшто не била отворена на барање на бугарската страна. Тој наведува дека двете страни останале на истите позиции и главна причина што нема резултат, е различната перспектива на средновековието, како и големите разлики во пристапот на надминување на ваквиот вид спорови.
Воопшто не дискутиравме за темата Гоце Делчев. Јас морам да кажам дека во последните би рекол три средби, ние не гледаме некоја желба за напредок кај бугарските колеги. Вчера на претпоследната сесија ние рековме, бидејќи Гоце Делчев беше на дневен ред да дискутираме за Гоце Делчев, меѓутоа бугарските колеги го одбија тоа. Рекоа да продолжиме со учебниците. Јас мислам дека тој однос кон работата на бугарските колеги во последните три средби се должи на ситуацијата во Бугарија, предизборната кампања, сега на недостатокот на политичка влада и е воочливо кај бугарските колеги тоа отуство на желба да се постигне нешто повеќе во работата, вели Ѓорѓиев.
Прашан дали смета дека по изборот на влада колегите од Бугарија може да добијат и поинакви инструкции за понатамошното водење на овој процес на преговори, Ѓорѓиев не очекува промена на ставот од Софија, но смета дека дококу Комисијата се остави да работи настрана од билатералните политички односи, тогаш верува дека е можно да се постигне и побрзо решение.
Генерално не сметам дека Бугарија ќе го промени ставот во однос на историското минато за Македонија. Тука јас мислам дека постои голем консензус и хомогеност кај меинстримот историчари во Бугарија, меѓутоа верувам дека може да се промени третманот што го има оваа Комисија и овој проблем во македонско – бугарските односи. Доколку следните политички елити кај нас и во Бугарија ја тргнат Комисијата и овој проблем од билатералните односи во Бугарија, политичките односи, тогаш верувам дека може да се постигне и побрзо решение за некои прашања во Комисијата, но и дека Комисијата ќе работи во многу порелаксирани услови, смета Ѓорѓиев.
Во однос на предлогот од Австрија за меѓународно посредништво во изнаоѓањето компромис помеѓу двете земји, како и предлогот од европратеникот Андреас Шидер за вклучување тројца надворешни експерти историчари во работата на Комисијата, шефот на македонскиот тим оценува дека тоа би било од корист за нејзината работа.
Ваквиот предлог беше даден од македонска страна уште на првата средба со нашите бугарски колеги и првиот состанок во Софија и за жал морам да кажам дека бугарските колеги тоа го одбија. Ние предложивме да бидат вклучени двајца експерти кои се запознаени со проблематиката на Балканот, но кои во исто време и работеле со големо искуство на надминување на вакви симболични политичко – историски спорови меѓу одредени нации и држави. Меѓутоа тоа беше категорично одбиено од бугарска страна дека тие колеги не го познаваат доволно нашиот проблем, дека тоа е само наш билатерален проблем и оттогаш воопшто повеќе не стана прашање, предлог, не понудивме ние за повторно да бидат ангажирани. Меѓутоа лично сметам дека една таква медијација, едни такви неутрални аутсајдери, би рекол, кои не се дури емотивно внесени во овој проблем, мислам дека можат да бидат од корист на Комисијата, вели Ѓорѓиев.
Тој наведува дека прашањето за Прличев останува отворено и треба да биде доработено, но вели бил изненаден од колегите од Бугарија кои вчера вели, излегле со изненадувачки предлог да биде отворено прашањето за Браќата Миладиновци, бидејќи оваа година се навршува 160 години од објавувањето на Зборникот на народни песни на Браќата Миладиновци.
Без никаква најава, без притоа да бидеме консултирани, тие тоа го поврзаа со 160 – годишнината од објавувањето на Зборникот. Се разбира, ние го поддржуваме тоа заедничко чествување на Браќата Миладиновци за тој Зборник, за тој јубилеј како еден од елементите кој може да помогнат во постигнување на добрососедство, меѓутоа ваквото адхок ставање на маса на теми за кои претходно не сме дискутирале, а притоа имаме три отворени теми, учебниците, Гоце Делчев и Глигор Прличев, отворање на четврта тема, ние тоа го сметаме едноставно за контрапродуктивно во овој момент за работата на Комисијата. И се разбира не прифативме да дискутираме на вчерашаната седница за Браќа Миладиновци, бидејќи сметаме дека треба да се затворат овие теми. Јас го сметам тоа како обид на колегите од Бугарија да се успори работата на Комисијата се додека не се надмине тој политички вакум во Бугарија, вели Драги Ѓоргиев, претседател на македонскиот тим во заедничката македонско-бугарска Комисија за историски и образовни прашања.
И Петар Тодоров, член на Комисијата од македонска страна смета дека преговорите со Бугарија мора да се деполитизираат и дека се уште нема договор за клучните прашања.
Тој за ТВ 24 изјави дека офцијална Софија продолжува со силен политички притисок.
Сo жалење можам да кажам дека во однос на бугарската страна политиката ни предизвикува сериозни пречки во работата на Комисијата. Политиката не треба да прави пречки, туку да создава услови за градење на добри односи. Овојпат морам да кажам дека таквиот пристап постојано да се обвиниува другата страна не може да биде продуктивен. И можам со жалење да констатирам дека таквото постојано обвинување го гледам како пречка во понатамошното функционирање на комисијата и таа комисија да даде резултати, изјави Тодоров.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.