Една од најмалите членки на Глобалната антитетористичка коалиција според бројот на жители, Македонија изработи сеопфатна стратегија за реинтеграција на околу 40 нејзини државјани, повеќето жени и деца, кои изминативе години беа во редовите на терористичката организација Исламска држава (ИД), објави американскиот портал специјализиран за безбедносни прашања „Џаст секјурити“.

Планот, кој е политички, финансиски и технички поддржан од меѓународната заедница, ги опфаќа и терористите кои наскоро треба да бидат ослободени од затвор. Оваа иницијатива на Македонија може да стане модел и за другите западни земји  – оценува порталот.

„Џаст Секјурити“ посочува дека 83 од вкупно 156 македонски државјани кои престојувале на териториите во Ирак и во Сирија што беа под контрола на ИД, веќе се вратиле дома и безбедносните служби внимателно ги следат, па заканата од нив не е голема или е под контрола, барем во догледен рок.

Македонија е меѓу првите земји што изработија национална рамка со мултидисциплинарен пристап за решавање на комплексот ризици и потреби што ги имаат повратниците. Планот е за пофалба од повеќе причини. Тој вклучува повеќе институции и чинители потребни за успех, имајќи ја предвид сложената динамика, како за повратниците, така и за општеството во кое повторно се вклопуваат. На пример, планот ги опишува улогите и одговорностите на различните национални институции, почнувајќи од разузнавачки агенции до здравствени власти кои можат да преземаат функции како што се утврдување дали има доволно докази за гонење на повратник, проценка на нивото на ризик што тој или таа го претставува, оценување на нивните здравствени потреби и слично. Од вака собраните информации потоа се утврдува какви механизми на гонење, советување, социјална поддршка или други услуги треба да бидат преземени – се наведува во анализата.

Според порталот, позитивни карактеристики на планот се и значајната улога на граѓанскиот сектор, кој најчесто има подобар пристап до поединците и заедниците што биле под влијание на насилниот екстремизам, како и грижата за психосоцијалните потреби на повратниците, пред се, на децата, кај кои е можен задоцнет развој, посттрауматско стресно нарушување, анксиозност и депресија.

Покрај горенаведеното, планот има и други ветувачки карактеристики. Тие вклучуваат изработка на програми прилагодени за решавање на специфичните потреби на жените и децата и потребата за тековно следење и проценка на планот – додава „Џаст секјирити“.

Според порталот, реинтеграцијата на повратниците од ИД би можела да се соочи со најмалку три предизвици, од кој првиот се однесува на капацитетите на институциите за спроведување на планот, вториот е поврзан со обезбедување соработка помеѓу институциите за спроведување на законот и повратниците, и третиот е обезбедување услови планот да не се фокусира само на самите повратници, туку и на оние кои се изложени на ризик од радикализација.

Треба да се обрне внимание и на намалување на стигмата што често ги опкружува повратниците и членовите на семејството и да се бара од другите лица да го поддржат нивното повторно вклучување во заедницата – сметаат авторите на анализата.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.