Откако на денешното рочиште обвинетиот Александар Василевски Нинџа даде најнова „ажурирана“ четврта верзија на настаните на 27-ми април, Судот дозволи во судницата да бидат споредувани сите разлики од досегашните негови три искази-верзии за тоа што се случило на денот на немилите настани.

Разликите во она што Нинџа го зборува во секоја една прилика се драматични – на пример во еден исказ посочува едно лице дека го повикало на одредена локација, во друг исказ за истиот настан посочува сосема друго лице. Во една верзија вели дека не слушнал што се зборувало на наводниот состанок во штабот на ВМРО-ДПМНЕ, на друг исказ Нинџа вели дека детално слушал кој со кого зборува. Во една верзија посочува дека седел отишол „во базата“ во 17 часот, во друга во 18 часот. Во една верзија некој е присутен на наводниот состанок, во друга верзија – не е.

Ова се само мал дел од драстичните разлики кои Василевски-Нинџа ги има кажано во своите две изјави пред обвинителството и двете „сведочења“, еднаш во процесот во кој беше осуден „со поволности“, а еднаш денес во процесот за т.н. организатори.

За него гласно се зборува дека соработува со обвинителството „по нарачка“, односно во секоја прилика го кажува она што на Обвинителството на Вилма Рускоска „и е потребно“ за да може да се држи до небулозните обвиненија и за наводен тероризам и за т.н. организирање на немилите настани.

Сите претходни сведоци посочија дека не се точни тврдењата на Рускоска дека политичка партија стоела зад немилите настани. После овие сведочења следеше мистериозна средба на Нинџа и Рускоска во Скопје, за која се јавноста шпекулираше дека служи за „координација“ пред денешното сведочење. Т

екот на сведочењето на Нинџа како да потврдува дека постои јасен договор меѓу него и Обвинителството за уште едно „нарачано сведочење“ поради кое ќе добие поволности во постапката против него за настаните од 27-ми април во Апелациониот суд, за пресудата од 8-години затвор која и самата по себе е 2 години под минималната. За споредба, луѓето кои според Кацарска Нинџа ги организирал и координирал добија по 12-15 години затвор.

Василевски-Нинџа е лице со дебело криминално досие, но и со историја на лажни сведочења поради кои невини луѓе биле затворени, а тој добивал поволности во други процеси против него откако лажно ќе сведочел.

На денешното рочиште Василевски-Нинџа потврди дека соработувал со обвинителството после неговото предавање во јуни 2018-та година, а одбраната побара неговото сведочење да се одложи по правосилноста на пресудата од 8 години затвор против него, за што допрва треба да одлучи Апелација, токму поради сомневања за нова можна „трговија“ помеѓу Нинџа и Обвинителството. Ова барање беше одбиено.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.