Државната изборна комисија објави список за кандидати за градоначалници, ден по истекот на рокот до кога можеа да се пријават во ДИК. Во списокот се впишани вкупно 297 кандидати за градоначалници на 80 општини и Град Скопје. Најмногу пријавено кандидати за градоначалници има за Град Скопје, дури 12.
ДИК сè уште ги обработува кандидатите за членови на советите во општините.
Локалните избори се закажани на 17 октомври.
Скопјани ќе избираат меѓу 12 кандидати за градоначалник и 15 советнички листи. Ова е досега најголем број на кандидатури поднесени за локални избори во главниот град.
Во ОИК Гостивар до истекот на рокот, доставени се четири кандидатури за градоначалник и десет листи. Кандидатури за градоначалници поднесоа политичките партии: Движење Беса, ДУИ, ДПА и коалициите на Алијанса и Алтернатива, Најдоброто за мојата општина (на СДСМ).
Листи со имиња за членови на општинскиот совет со 31 место, доставени се од вкупно десет политички субјекти (ДПА, ДУИ, Алијанса-Алтернатива, Беса, ВМРО – ДПМНЕ, ДСР, ДПТ, ДНЕТ, ПДТ.
Во ОИК Врапчиште доставени се осум листи со кандидати за членови на совет и седум кандитури за градоначалник. Листи и кандидати за градоначалник имаат: „Најдоброто за мојата општина (СДСМ), ДПА, ДУИ, Алијанса и Алтернатива, Движење Беса, Демократска партија на Турците. ВМРО – ДПМНЕ на изборите ќе настапи само со листа. Во оваа полошка општина има еден независен кандидат и една листа од група избирачи.
Во ОИК Маврово Ростуше листи со 11 имиња за советници се поднесени вкупно шест и има две кандидатури за градоначалници. Доколку се постигне цензусот на излезност, во оваа општина изборите ќе завршат во првиот круг.
До крајниот рок, синоќа на полноќ, до ОИК во Прилеп се поднесени пет кандидатури за градоначалник и осум кандидатски листи за советници.
Според информациите од Општинската изборна комисија, кандидатури за градоначалник и советнички листи поднесоа коалициите на СДСМ, на ВМРО-ДПМНЕ, и на ДОМ и ЛДП – Движење „Одлучно за Македонија“, партијата Интегра, како и еден е независен кандидат.
Општинската изборна комисија во Тетово до крајниот рок за пријавување на кандидатури на локалните избори до 24 часот на 11 септември, има примено седум пријави за кандидати за градоначалници и десет за советнички листи.
Кандидати за градоначалник доставија партиите Движење Беса, ДПА, СДСМ, ДУИ, Алијанса за Албанците и Алтернатива, Движење за држава и правда и Интегра, информира од ОИК Тетово.
Во законскиот рок за пријавување кандидатури за претстојните локални избори доставени се пет пријави за градоначалници и шест за советнички листи, потврдија денеска од ОИК Гевгелија.
Свои кандидати за градоначалници доставиле политичките партии СДСМ, ВМРО ДПМНЕ, Интегра, коалицијата на ЛДП и ДОМ како и еден независен кандидат, а листи со кандидати за членови на Советот доставиле партиите СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, Интегра, коалицијата ЛДП и ДОМ, Левица и независна листа на Томе Ќичуков.
До општинската изборна комисија Битола пријавени се кандидатурите на Зоран Лазаревски-Паљо предложен од група избирачи, Христо Кондовски предложен од СДСМ и коалицијата, Тони Коњановски предложен од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Јорго Огненовски од партијата Демократи, Горан Тасковски од партијата „Македонска ера трета” и лидерот на ЛДП Горан Милевски предложен од коалицијата на ЛДП и ДОМ – „Движење одлучно за промени”.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.