Чешка и Словачка одржаа лекција во Европската Унија, но и лекција за македонските власти како се бранат и почитуваат историјата и јазикот. Двете земји поддржани од Австрија, ги блокираа заклучоците за проширување на ЕУ  поради вметнувањето на условот за историјата.

Германија како земја претседавач во заклучоците се обиде да вметне, според нив компромисен предлог, односно да стои реченицата за „погрешно толкување на историјата“. Овој предлог за кој никој од македонската влада предводена од СДСМ не реагираше, ќе значеше задолжително прифаќање на бугарскиот услов за историјата. Со тоа Македонија ќе мораше да се откаже од целата историја пред 1944 година година и истата да ја препишеше на бугарската, ако сакаше некогаш да добие датум.

Но, ако не реагираше македонската влада реагираа Чешка и Словачка.

Ние нема да дозволиме Унијата да биде судија на нашата споделена историја, како се идентификуваме себеси или јазикот што го користиме. Овие прашања припаѓаат на страните кои се засегнати и ние сме тука за да ги поддржиме со искуството на нашите сопствени процеси на закрепнување – реагираа двете земји во заедничкото соопштение, притоа нагласувајќи дека во заклучоците треба да стои напредокот или недостатоците на една земја, а не вакви барања.

Сепак, на што се должи овој чекор на Чешка и Словачка. Тие сметаат дека Унијата премногу и попушта на Бугарија. Притоа, ова ќе значеше дека при проширувањето за останатите земји кандидати за членство, вакви услови ќе можеа да добиваат од било која држава. На пример вакви услови Бугарија повторно може да и поставува и на Србија или можеби Хрватска на околните земји, токму затоа и е недозволив ваквиот услов во заклучоците.

Понатаму, она што Бугарија го нарекува бугарска историја, под маската на заедничка, беше препознаено од Чешка и Словачка. Како што веќе знаеме Бугарија си ги присвои Кирил и Методиј, Климент Охридски, но и крилицата како бугарски, иако тие им припаѓаат на сите словенски народи. Нема кој не чул за Моравската мисија на браќата Кирил и Методиј кои на барање на кнезот Ростислав заминале во Моравија да им помогнат во описменување и одбрана од опасностите и заканите на тогашниот германско-бугарски сојуз. Во таа мисија биле отворени голем број научилишта и цркви во кои се ширела просветата на населението на словенски јазик. Токму затоа и ден денешен Кирил и Методиј се слават во Чешка и Словачка кои ги сметаат за повеќе од само просветители.

Не само што слават ден посветен на браќата, туку и бројни споменици, цркви, и институции сведочат за благодарноста на овие две држави кон Кирил и Методиј.

И, додека други го ценат значењето на историјата и јазикот, македонската власт упорно и понатаму бара начин како да и удоволи на Бугарија. Премиерот Заев како и владиниот претставник за Бугарија, Владо Бучковски од уста не го вадат терминот заедничка историја и изнаоѓањето на решение за истата. Но, ако досега не разбраа сега треба да разберат.

Чешка и Словачка и дадоа пример на македонската власт дека мора да се повлече црвена линија, дека мора да се стави крај на понижувањата и крај на откажувањето од сопствената историја и јазик, а со тоа и од сопствениот идентитет.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.