Можно е да има придвижување на спорот меѓу Скопје и Софија само ако има промена на владејачката коалиција во Бугарија. Конкретно за Македонија не гледам дека оваа Влада има желба и намера да прави што и да било до март, така што за напредок можам да зборувам најрано за средината на годината. Ова го наведува заменик-директорката на Европскиот совет за надворешни односи (ECFR), Весела Чернева во изјава за бугарскиот весник „Дневник“.
Чернева оценува дека наместо Скопје да ја „турка“ оваа тема во предизборието во Бугарија, двете земји да се посветат на конкретни проекти.
Таа ја коментира и изјавата на вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров во интервјуто за МИА, дека е „подобро земјата да одмори од проблемот со Бугарија додека не поминат изборите таму и да се посвети на средување на сопствениот двор“.
Не мислам дека е во интерес на Македонија да ја турка темата, затоа што ништо не може да добие од неа. И обратно, ако навистина има желба да работи по прашања како Коридорот 8, може да работи на нив, незвисно од изборите во Бугарија. Таквите нешта можат да ја олеснат напнатоста – конкретни проекти од кои и двете земји ќе имаат корист, вели Чернева.
Заменик-директорката на Европскиот совет за надворешни односи, за бугарскиот весник дава своја оценка и за проширувањето за време на португалското и словенечкото претседателство со ЕУ.
Не сум оптимист за оваа година. Мислам дека ќе биде многу тешко да се постигне напредок. Концептот за проширувањето ќе биде разгледан политички, затоа што ако само кажеме дека проширувањето постои, а во практика е невозможно да се исполни, тоа ги демотивира земјите кандидати. Пристапот „ние ги лажеме дека ги сакаме, тие не лажат дека веруваат“ – повеќе не функционира, оценува Чернева.
Според Чернева, Бугарија само ја заврши „валканата“ работа и зад неа молчат и други земји на кои им одговара овој развој на настаните.
Во однос на тоа какви ќе бидат последиците од ново забавување на евроинтеграциите, Чернева смета дека ќе се влоши раководењето во балканските земји, истакнувајќи дека владите таму претпочитаат да си седат во сопствената средина на корупција и непотизам и немаат причина да прават реформи тогаш, кога немаат доверба во преговарачкиот процес.
Лошото управување значи неколку работи. Национализмот цвета многу лесно и не сме загрижени за тоа што можеме да изградиме, туку како да најдеме надворешен непријател. Во меѓувреме, младите го напуштаат регионот затоа што не гледаат никакви изгледи за себе и за своите деца во него. Ова, за возврат, произведува уште полошо управување затоа што нема критична маса во општеството. Тоа е опасна спирала во која не сум сигурна дали ќе има војни, но сигурно ќе има стагнација и продлабочување на демографската криза, вели таа, додавајќи оти ова е последното нешто што и треба на Европа.
Чернева посочува и за опасноста од вметнувањето на прашањето за историјата во процесот на проширувањето, особено откако Виктор Орбан секоја година предизвикува непријатности не само за Букурешт, со комеморацијата на „националната траума“, Договорот од Тријанон, со кој Унгарија загуби голем дел од својата територија.
Орбан со свечената жалост за Договорот од Тријанон е опасен – замислете ако и Австрија почне да се жали за загубата на Австро-Унгарија. Модерната европска историја започнува токму со фактот дека Франција и Германија се согласија да ги запрат своите вековни контроверзии околу Алзас и Лорен и започнат да градат заедничка иднина. Не можам да мислам на земја без контроверзни историски победи или загуби. Ако историскиот реванш се одржи преку ЕУ, таа ќе се распадне, вели Чернева.
Чернева изразува надеж дека Бугарија ќе ги запре овие обиди, бидејќи ќе се соочи со изолација.
Се надевам дека Бугарија ќе ги запре овие обиди, бидејќи ова дополнително ќе ја изолира и ќе си направи да и е потешко. Видовме дека не само Чешка, Словачка и Германија, туку и сите 26, јасно ставија до знаење дека не го прифаќаат бугарскиот аргумент. Дури и соседите како Грција и Романија, на кои теоретски треба да може да се потпре Бугарија, не покажаа соседска солидарност, оценува Чернева.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.