Три години власт на СДСМ, но ние не зборуваме за иселувањето, за Рекет, не зборуваме за лошата состојба во државата, туку дали ќе се оградиме од Груевски, за зградата на ВМРО-ДПМНЕ или пак за имтот. Еве да се оградиме за сето лошо што било направено од политичарите во Република Македонија од 1991 година до 2019 година, му порача претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на новинарот Младен Чадиковски, одговарајќи на новинарското прашање зошто ВМРО-ДПМНЕ не се оградила за политиките од минатото.

Оваа забелешка на Мицкоски, меѓутоа, е повеќе од одговор на поставеното прашање – повеќе е оцена на вечерашното интервју на претседателот на ЗНМ со лидерот на опозицијата.

Еден час потрошен на секакви прашања освен на суштинските, вицкасти забелешки, менување на темата ако се начнат актуелните проблеми во државата, криминалот, рекетот, секојдневните штрајкови пред Владата, најавеното отпуштање на администрацијата, нерасчистените афери. За новинарска големина, каква што се очекува да биде првиот новинар во државата, претседателот на најголемото здружение на новинари, вечерва тема беа Груевски, неговата титула почесен претседател на партијата, што и како ќе се прави со имотот на партијата, дали тој ќе се продава, издава или пак ќе се донира.

Далеку од тоа дека треба да има прашања кои не заслужуваат одговор, но непрофесионално е Чадиковски да го заобиколи јавниот интерес и да не го искористи присуството на лидерот на опозицијата и да побара одговори на толку многу отворени прашања, како што ги начна и во најавата на серијалот интервјуа со лидерите на партиите.

Ова не е првпат Мицкоски да седи на „жешко столче“ спроти новинари чијашто цел не е да му ги постават вистинските прашања на лидерот на опозицијата, туку да го омаловажат или пак да ги релативизираат актуелните политики на власта.

Го паметиме интервјуто на Снежана ЛУпевска Созен на 24 септември 2018 година.

Но, и интервјуто на Сашо Орданоски на 1ТВ, за кое АВМУ констатира дека не биле испочитувани професионалните стандарди. 

Првичните наоди од надзорот на Агенцијата укажуваат дека во делови од интервјуто новинарот ги прекршува начелата за почитување на достоинството на личноста, за пресумпција на невиноста и за објективно и непристрасно прикажување на настаните со еднаков третман на различните гледишта и мислења од член 61 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, пишува во соопштението на Агенцијата испратено до медиумите.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.