Во времето на новата „инквизиција“ на мислата, секој има право на свое мислење, но не и на неговите факти. Нивните факти се предмет на верификација на новите „арбитри на вистината“ на социјалните медиуми, пишува во колумна за „Нова Македонијa“, проф. Звонимир Јанкулоски.
Облечени во наметката на нивната позната вистина, професионалните проверувачи на факти се новото лице на догмата и цензурата на социјалните медиуми. За нив велат дека се бесрамен либерален обид да се контролира јавниот дискурс и да се задуши слободата на говорот, вообичаено фокусирани на политичка контрола и манипулација. Ретко кој верува дека тие се чесни репортери на фактите и судии на вестите. Со нив сонот за социјалните медиуми како глас за сите пропадна, пишува професорот.
Вели неколку прашања го мачат во однос на овие самопрогласени „арбитри на вистината“ на социјалните мрежи.
Знаете ли колку се транспарентни во однос на нивната методологија, нивните извори на факти и начинот и каналите на нивното финансирање? Нормално дека не знаете. Како што не знаете како идентификуваат што треба, а што не треба да биде дистрибуирано на социјалните мрежи. И дали во тие одлуки постапуваат натпартиски и неполитички? Исто така, нејасно е како се акомодираат во гарантираната слобода на изразување и забраната да се ограничува печатот, или правата на поединците да зборуваат слободно.
Новите „екологисти“ на вистината, продолжува Јанкулоски, се хранат од гревот на „лажните вести“ под маската на вестите, притоа свесно заборавајќи дека се работи за нехомогени концепти, што можат да се манифестираат на различни начини, опфаќајќи го целиот спектар, од измислена содржина наменета за измама до сатирични публикации со цел да се потсмеваат. Она што е многу поважно е дека концептот на „лажни вести“ мора нужно да е придружен со намерата за измама. Воспоставувањето таква намера е клучно кога се обидува да се постави границата помеѓу „лажните вести“ и другите поневини форми на погрешни информации. Можеби за новите „инквизитори“ на вистината ефектот на „лажните вести“, како и степенот на оваа појава, не е спорен. Всушност, тие се креација на создадениот впечаток дека лажните вести се нов феномен и проблем. А тие постоеја и порано, уште пред интернетот, и секогаш биле користени од различни групи и поединци да влијаат на јавното мислење. За нив „лажните вести“ претставуваат закана за интегритетот на демократијата. А како тие избрани да ја штитат. Да прочитале, ќе знаеле дека наодите од рапидно растечката област на истражување за потрошувачката на „лажни вести“ досега сугерираат на многу ограничено влијание на „лажните вести“ врз консументите, и тоа само доколку се совпаднат со нивните сопствени предиспозиции и политичките избори. Во недостиг од повеќе истражувања, тешко е авторитативно да се утврдат ризиците поврзани со „лажните вести“. Можеби затоа „проверувачите на факти“ ги нарекуваат „бубашваби“ на социјалните мрежи. Метафорички.
Целата колумна на „Нова Македонија“
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.