Централниот одбор на СДСМ во понеделник ќе го избира мандатарот и новото партиско раководство. Лидерот Димитар Ковачевски во телефонски разговор за Сител потврдува дека по овој состанок ќе се знаат имињата на партискиот заменик-претседател, потпретседателите и генералниот секретар.

На овој состанок јас ќе доставам листа на предлози, а кои лица ќе бидат избрани на раководните позиции во партијата, ќе зависи од членовите на Централниот одбор – вели Ковачевски за Сител.

И од партијата потврдуваат дека по овој состанок, шефот на државата Пендаровски ќе добие известување и за името на мандатарот и потврда за мнозинството во Собранието.

Дали новиот лидер ќе донесе и сосема нови кадри во партиското раководство, е тема на која во јавноста кружат бројни шпекулации.

Од СДСМ само потврдуваат дека Ковачевски води интензивни разговори и со актуелни и со поранешни високи функционери и членови, но без детали што тоа ќе значи за партиските позиции.

Досега од функцијата потпретседател се повлече Мила Царовска, а ваква можност најавија и другите двајца потпретседатели Венко Филипче и Оливер Спасовски.

Од промените кои ќе ги претрпи владејачката партија во најголем дел ќе зависат и промените во извршната власт, каде партијата исто така најавува смена на речиси сите свои кадри.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.