Во парламентарното мнозинство се добредојдени сите партии кои се залагаат за европската иднина на државата и отворање на преговорите со Европската унија, рече денеска Артан Груби, прв вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедници и висок функционер од ДУИ.
– Во моментов разговараме не само со Алтернатива, туку има контакти и со други политички партии што се дел од Собранието, за да се приклучат на парламентарно мнозинство или да го поддржат и мислам дека сите тие што сакаат да ја видат Македонија во ЕУ ќе се приклучат кон ова парламентарно мнозинство. Јас сум уверен дека Заев ќе ја почне процедурата за нов претседател на СДСМ, ова е процес што не завршува за еден ден, туку мислам дека ќе трае еден месец и дотогаш се надевам дека ќе имаме стабилно парламентарно мнозинство за да продолжиме со реформи преку, првично одобрувањето на буџетот на државата, но и решавање на спорот со Бугарија – рече на новинарско прашање Груби, кој присуствуваше на одбележувањето на 113-годишнината од Битолскиот конгрес и 14-годишнината на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците во Македонија.
Тој информира дека вчера разговарал со премиерот Заев за средбата што ја имал со Алтернатива, и оти денеска ќе имаат нова средба во врска со случувањата околу новото парламентарно мнозинство. Во разговорот не станало збор за кадровски прашања поврзани со евентуалниот влез на Алтернатива во Владата.
– Не верувам и не очекувам драматични случувања во земјава и убеден сум дека и Гаши, но и другите албански политички партии, вклучително и Касами и Села, се свесни за значањето на овој момент и случувањата што се преземаат во Брисел во насока на отворањето на преговорите, и нема да направат ниеден чекор за да ја загрозат европската иднина на земјата – рече Груби.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.