Реформите за основно образование стартуваат од септември за учениците во прво и во четврто одделение, потврди денеска министеркaта за образование и наука Мила Царовска.
По обраќањето на младинскиот форум „Гласот на младите дома го обединува регионот“ во Отешево, во изјава за медиумите министерката посочи дека програмите за работа се донесени, а подготвени се три сценарија за почеток на учебната година од 1 септември.
Програмите се донесени. Транспарентно се објавени и сите дискусии, но со објавувањето се затворија, бидејќи видоа дека нема ништо драматично и различно од она што го ветувавме, а тоа е критичко размислување, поврзување со теми, проектно работење и сите други вредности, кои се значајни и треба да се воведат, како родова рамноправност, интеркултура, инклузивност. Тоа значи образование за секое дете со еднаков квалитет – изјави Царовска.
Министерката потврди дека се подготвуваат и материјалите за учење за прво и за четврто одделение како и дигитализација и мултимедија содржина за четврто одделение.
Преку МОН се набавуваат 10.000 таблети, општините ги подготвуваат своите училници за стартот на новата учебна година. Се подготвуваме со три сценарија за физичко присуство, он-лајн учење и хибриден модел, со цел да имаме подготвен систем за сите три сценарија. Од 1 септември влегуваме во училница со физичко присуство и согласно епидемиолошката состојба ќе одлучуваме понатаму дали ќе се менуваат сценаријата и начинот на учење понатаму – додаде Царовска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.