Објаснувајќи како ќе се одвива учебната 2020/2021 година, министерката за образование и наука Мила Царовска во гостувањето во Дневникот на ТВ Сител, порача дека единствената национална платформа за онлајн настава ќе стане алатка што ќе се користи не само во услови на Kовид туку и наредните години и ќе значи унапредување на образованието.
Се што правиме сега го унапредува образованието воопшто. Не е ова само состојба којашто сакаме да ја надминеме, па по секоја цена правиме платформа. Оваа платформа ја градиме сега, ништо нема да биде совршено оваа година, тоа морам искрено да го кажам, но градиме чекор плус во нашиот образовен систем со тоа што поставуваме една алатка којашто ќе им служи на сите наставници. Верувам дека во наредните неколку месеци сите ќе сакаат да работат на неа. Посебно децата, затоа што ќе биде едноставна, ќе имаат распоред, ќе можат да имаат двонасочна комуникација со наставникот, ќе имаат линкови, презентации и сето тоа полека ќе се усовршува и полека ќе се доградува – посочи Царовска.
како што истакна министерката, секаде каде што условите ќе го дозволуваат тоа, ќе се реализира настава од училница. Таа појсни дека преку платформата ќе има можност да се следи кој од наставниците се вклучил на платформата и на кој начин го одржал часот.
Пристап до платформата ќе имаат и Државниот просветен инспекторат и Бирото за развој на образование, како две институции што треба да го следат квалитетот на образованието. И за разлика од претходната година, исто така воведуваме можност за валидација на знаење со физичко присуство, за да ги мотивираме и наставниците и учениците, коишто следат онлајн настава, да научат повеќе, да се стекнат со повеќе знаење, коешто натаму ќе биде оценето – укажа Царовска.
Министерката информира дека единствената национална платформа за онлајн настава веќе е во драфт верзија и јавноста многу скоро ќе ја види.
Таа ќе биде едноставна за употреба и ќе значи дигитализација на образовниот процес. Во моментов се подготвуваат наставници кои ќе бидат мастер-тренери кон другите наставници во нивните училишта – вели Царовска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.