Министерката за образование и наука, Мила Царовска, вели дека концепцијата за основно образование предвидува интегрирање преку наставни содржини, а не укинување предмети.
Во врска со интегративниот процес, кој е содржан во реформата и кој предизвика реакции во јавноста, со тврдења дека се укинува предметот историја, особено сега во чувствителен перод во односите меѓу Скопје и Софија, Царовска во интервју за МИА напоменува дека интеграцијата постои и во сегашниот модел од прво до петто оделение, а сега е превидено да продолжи до девето.
Образованието не се базира на историја и оваа концепција нема никаква врска со надворешните политички прашања на нашата држава. Има единствено врска со внатрешни постигнувања на нашите деца коишто понатаму треба да бидат продуктивни граѓани да ја водат државата. Е сега, интеграција и денеска постои, во петто одделение вие имате интеграција и немате никаков проблем тука. Имаме во четврто, петто и така подметнувања одреден предмет за да се прејде кон предмет на настава од шесто. Од шесто сега би требало само да продолжи. Значи, станува збор за шесто, седмо, осмо и деветто одделение интегрирање, но не целосно поклопување на научните дисциплини – вели Царовска.
Таа појаснува дека предметите во рамки на општествените или природните науки, остануваат модуларно, бројот на часови останува ист, а интеграцијата се однесува на темите коишто се учат да се поврзат со сите научни дисциплини.
Зошто? Затоа што ниту еден проблем во животот, ниту еден предизвик не го решаваме само со користење на една научна дисциплина. Треба да имаме сознанија од повеќе научни дисциплини за да можеме да ги надминеме прашањата коишто ни се поставуваат за разгледување на маса. Тоа го поставуваат и сите меѓународни тестирања. Ние со години ништо не менуваме и се чудиме зошто меѓународните тестирања едноставно не оставаат најдолу. Не се нашите деца помалку паметни од другите деца, туку едноставно нашиот систем не ги учи да проблемите ги разгледуваат од повеќе агли – вели Царовска.
Таа додава дека предметите модуларно ќе постојат и дека никој не треба да се плаши дека ќе остане без работа.
Јас одговорно тврдам дека ние ќе имаме дефицит. Ние ќе имаме дефицит на кадар со ваква интензивна работа на училиштата. Сега училиштата работат само формално образование и само она што е задолжително. Останато време учениците го поминуваат – дел од нив без позитивно влијание, дел од нив ако родителите имаат финансиски средства да платат со позитивно влијание, но плаќаат за истото – различни секции, различни спортови итн – вели Царовска.
Како што посочува Царовска во интервјуто за МИА, концепцијата предвидува и поголема автономија на наставниците во однос на прилагодување на дел од програмата, внесување на нешто ново.
Затоа што ниту едно дете не можете да го ставиме во калап. Секое е само за себе. Ниту една средина не можете да ја ставите во калап, а на наставникот сега му е ограничено правото да менува. Тој шаблонски мора да следи нешто што му е зададено. Сега со автономија на наставникот и со можност на ученикот да избира училиштата стануваат попријатна средина. Многу време ќе ни треба да ја направиме пријатна средина училиштето заради тоа што во моментов има еден отпор кај учениците кон училиштето, но е важно да почнеме да го градиме тоа и да за шест години си зададеме задача да имаме пријатни училишта коишто се безбедни средини за сите ученици – вели Царовска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.