Министерската за образование и наука, Мила Царовска, одговарајќи на новинарско прашање за бојкотот на наставата од дел на средношколците, изјави дека Министерството има законска обврска да им обезбеди право на полагање државна матура на учениците, посебно на оние кои сакаат да продолжат во високо образование.

Од првиот ден откако сум во МОН сме во континуирана соработка и разговори со Сојузот на средношколци. Тие имаат различни размислувања и различни барања. Последниот состанок беше пред една недела, кадешто утврдивме дека матурата оваа година се одвива согласно законот. Средното образование е задолжително во државата и токму затоа е важно да го почитуваме правото на учениците коишто сакаат да полагаат матура – изјави Царовска.

Таа објасни дека на утринскиот состанок, директорите на средните училишта информирале дека бојкотираат само дел од ученици.

Важно е учениците да ја прочитаат и концепцијата за матура и законот и да одлучат на кој начин ќе полагаат матура оваа година. Министерство за образование и наука и општините коишто директно менаџираат со средните училишта, имаат обврска да го обезбедат правото на учениците коишто сакаат да полагаат матура. Учениците коишто не сакаат да полагаат државна матура, имаат можност да полагаат училишна матура. Токму таму има два предмета и проектна задача или оние коишто се во стручните училишта имаат можност да полагаат стручен испит, исто се два, еден задолжителен предмет, еден изборен предмет и проектна задача. Затоа велам, државната матура е изборна, а наша обврска како министерство е да го обезбедиме правото на полагање на матура, посебно на оние ученици коишто сакаат да го продолжат своето образование во високообразовни установи во нашата држава и надвор од неа. Минатата година бевме негативен исклучок во регионот и во светот и наши ученици не успеаја да се запишат на високорангирани универзитети во светот – изјави Царовска.

Според податоците од училиштата, полагање на матура имаат пријавено над 14.000 матуранти, а испитите ќе се одржат според концепцијата утврдена уште на почетокот на оваа учебна година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.