Министерката за образование и наука, Мила Царовска, изјави дека состојбата со корона вирусот во училиштата е стабилна и тие ќе останат отворени за настава со физичко присуство на учениците.

Бројките што ги соопшти Царовска се исти како и во минатите недели, односно дека нема голем број Ковид-позитивни ученици. Царовска информира дека процентот на новозаразени, според дневните статистики, се движи од 0,01 до 0,03, а вкупниот број активни случаи во училиштата не надминува 0,3 отсто од вкупно 255 илјади ученици коишто следат настава со физичко присуство.

Таа посочи дека уште од летото училиштата се подготвени за три сценарија и дека најпосакувано е настава со физичко присуство бидејќи е од најголем интерес за учениците.

Се следи ситуацијата и таа е стаблна во моментов. Но, доколку имаме алармантна ситуација и потреба од носење рестриктивни мерки и во другите сектори, секако дека Министерството за здравство заедно со Министертството за образование и наука ќе разгледува можности за следните сценарија. Но, апелирам дека ситуацијата е стабилна во моментов и дека во највисок интерес на секој ученик е тој да биде во училиште. Тоа не е само наша проценка, туку и според меѓународните организации што работат на квалитетот на образованието во целиот свет, посебно во земјите во развој како што е нашата – изјави Царовска по доделување на наградите од Конкурсот за ученици од основното образование инспирирани од делата на Блаже Конески.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.