Министерката за образование Мила Царовска ги повика градоначалниците и директорите на училиштата да им исплатат надоместок за прекувремена работа на наставниците. Откако утрово од СОНК најавија дека учебната година нема да заврши и учениците нема да добијат свидетелства, Министерството за образование информираше дека парите за оваа намена се префрлени на општините. Од таму велат дека уште во месец октомври испратиле писмо до сите училишта со кое ги потсети на законските обврски дека за наставниците кои извршуваат работни задачи повеќе од полното работно време треба да им се исплати надоместок за прекувремена работа, за што се обезбедени средства.

„Работата и посветеноста на наставниците треба да се вреднува и почитува, посебно во услови на пандемија кога сите заеднички вложивме максимални напори да имаме успешна учебна година. Министерството за образование и наука (МОН) апелира до локалните самоуправи и училиштата да го почитуваат Законот и да ги исплаќаат надоместоците за прекувремена работа на наставниците. МОН редовно и навремено ги уплаќа блок дотациите кон локалните самоуправи, согласно динамиката со којашто тие ги доставуваат барањата. Во повеќе наврати апелиравме до општините да го почитуваат Законот и да го исплатат надоместокот“, велат од Министерството за образование.

Министерството дало и детални инструкции за постапување на секое училиште и општина која се обратила за барање за појаснување како да постапи во врска со пресметките за плата.

Од СОНК денеска на прес-конференција кажаа дека голем број општини и училишта не исплаќаат надоместок на наставниците кои во пандемијата работеле повеќе часови бидејќи децата биле поделени во групи.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.