Најавувањето бојкот или нарушување на протоколите во училиштата е неконструктивен начин на надминување на оваа криза во нашата држава. Секој од нас е одговорен за јавното здравје и правото на здравје. Ако некој директно и свесно го загрозува здравјето на другиот, тогаш имаме прекршување на закон и на Устав. Затоа ги повикувам сите наши граѓани, сите родители, наставници и ученици, дека секој од нас треба да се справува на конструктивен начин со оваа епидемија, изјави министерката за образование и наука Мила Царовска.

Сега приоритет е зачувување на здравјето на сите наши граѓани, а незачувување на здравјето значи повеќе заразени и повеќе смртни случаи. Ако состојбата се менува на позитивно, нема да има некој кој ќе застане против отворање на училиштата со физичко присуство, но ако е ваква или полоша, ќе размислуваме за други прашања за да го заштитиме јавното здравје, но и да обезбедиме континуитет на наставата на начини кои се можни во тој момент – рече Царовска која денеска присуствуваше на предавање на донација од турската агенција ТИКА на ОУ „Петар Здравсковски-Пенко“ во Општина Бутел.

Во врска со проблемите со интернет-пристап во рурални средини, таа одговори дека во сите помали и подрачни училишта во рурални средини е обезбедена настава со физичко присуство, а потсети и дека за децата без соодветни ИТ-уреди има настава на МРТ на македонски и на албански јазик и учениците ќе добиваат материјали од училиштето.

Ова се флексибилните модели и ваква ситуација има во сите земји во развој како нашата. Да не заборавиме и дека голем број од општините во изминатиот период донираа таблети за учениците што немаат – додаде Царовска.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.