Мнозинството активисти на Демократска обнова на Македонија (ДОМ) се незадоволни од курсот кој го зазема оваа партија на Зелените под водство на претседателката Маја Морачанин, објави НетПрес повикувајќи се на изјава на членови на партијата, кои обвинувале за манипулации во обидите за зачувување на лидерската позиција.
На Морачанин, која на челната позиција на ДОМ кон крајот на 2018 година ја замени Лилјана Поповска, нејзините сопартијци главно ѝ забележуваат дека не ги претставува автентичните ставови на партијата, како во случајот со градбите на миницентралите и други еколошки спорни проекти во земјата.
Напротив, за Морачанин нашите соговорници велат дека сѐ повеќе се оддалечува од изворните принципи на Зелените и истапува како поддршка на проектите и ставовите на коалицискиот партнер во власта СДСМ, односно премиерот Зоран Заев. Покрај тоа, на лидерката на ДОМ ѝ забележуваат и дека при вработувањето во јавните претпријатија и именувањето во управните одбори протежира свои блиски лица, во обидот да си обезбеди поддршка во партијата.
Меѓутоа, според извори на НетПрес, и покрај тоа Морачанин не може да добие поддршка од мнозинството во Централниот одбор на партијата. Тие велат дека по година иполовина, без кворум по 15 години е направен „насилен и недемократски“ обид за преземање на највисокот партиско тело, во обидот да се спречи иницијативата за изглесување недоверба.
Имено, како што објавува НетПрес, Морачанин направила три безуспешни обида да добие мнозинство во 115-члениот Централен одбор со уфрлување десетици лица кои би ја поддржале. Притоа во третиот обид, и тоа под точката „разно“ бил ставен предлогот за доверба, а поради епидемиолошките мерки на неодамнешниот состанокот биле вклучувани лица онлајн преку мобилни телефони и компјутери и лица кои се целосни анонимуси за останатото членство кое се сомнева во автеничноста на тие гласови, со цел да обезбеди поддршка. Изворите тврдат дека „довербата“ била изгласана од 51 член, што секако не претставува мнозинство во Централниот одбор.
Незадоволните од Морачанин велат дека сѐ почесто се забележуваат и обиди за целосно узурпирање и приватизирање на ДОМ, што го поткрепуваат и со фактот дека меѓу неа и другиот пратеник на Зелените во Собранието, Мирослав Богдановски, воопшто не постои усогласност во изнесување на партиските ставови. Поради тоа, изјавиле соговорниците, многу е веројатно дека наскоро ќе биде поведена иницијатива за свикување конгрес на кој поради незадоволството од лидерството на Маја Морачанин ќе ѝ биде изгласана недоверба.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.