Mинистерот за надворешни работи Бујар Османи од утре е во дводневна работна посета на Брисел, каде што ќе се сретне со високи претставници на европските институции.

Како што соопштија од МНР, во рамки на посетата Османи ќе се сретне со високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел, како и со потпретседателката на Европската комисија задолжена за демократија и демографија како и за конференција за иднината на Европа, Дубравка Шуица.

Во рамките на посетата, Османи ќе оствари средба и со еврокомесарот за соседска политика и проширување, Оливер Вархеи, а предвидени се средби и со високи официјални претставници на Европскиот парламент и европарламентарци, меѓу кои потпретседателката на Европскиот парламент, Клара Добрев, копретседавачот со Заедничкиот парламентарен комитет помеѓу ЕУ и МК, Андреас Шидер, известителот за Македонија Илхан Кјучук, како и други влијателни европратеници.

Агендата на министерот Османи предвидува и средба со Мирослав Лајчак, посебен претставник на ЕУ за Западниот Балкан и дијалогот Белград – Приштина.

Клучна точка на разговорите ќе биде европското досие на Македонија. Фокусот на Османи е до крајот на оваа година, овој процес да го доживее своето успешно заокружување во рамки на Германското претседавање со Советот на ЕУ, преку усвојување на преговарачката рамка која претставува водечки документ во пристапните преговори и одржувањето на Првата меѓувладина конференција која традиционално го означува почетокот на преговорите за секоја земја аспирант за членство.

Министерот Османи ќе ги претстави приоритетите на својата мандатна мисија, со посебен осврт кон добрососедските односи и придонесот кон регионот, при ште ќе ги реафирмира: силната проевропска програма на новата влада, продолжување на реформските процеси со ЕУ предзнак, особено во делот на владеење на правото, како и социо-економските мерки за справување со последиците од пандемијата – стои во соопштението на МНР.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.