Неуспешна мисија на ЕУ. Пакетот со решение за деблокада на бугарското вето кон Македонија не ги помести црвените линии на официјална Софија. Еврокомесарот за проширување Оливер Вархји и португалскиот министер за надворешни работи Аугусто Сантош Силва со ваков исход од денот без изјави за медиумите и одговор на клучните прашања за иднината на земјава заминаа од Скопје. Одлучија во неколку минути снимени изјави да се изјаснат. Далеку од очите на јавноста зад затворени врати во клубот на пратеници со двете раце на гради ги пречека Премиерот Зоран кој и покрај тврдиот став на Бугарија и натаму е оптимист – предлогот бил добра основа за постигнување решение за проблемот.
Португалскиот прв дипломат Аугусто Сантош Силва не ги убеди бугарските челници, но тврди дека проширувањето било важен процес за целата Европа и гаранција за стабилен регион.
За бугарските власти пак останува клучно да се одржат добрососедските односи и да се добијат потребните гаранции за спроведување на Договорот за добрососедство.
„Добра основа за решавање на спорот меѓу Скопје и Софија“. Вака премиерот Зоран Заев го оцени предлогот на Португалија за деблокирање на почетокот на преговорите со ЕУ. По средбата со комесарот за проширување на ЕУ, Оливер Вархеји и со португалскиот министер за надворешни работи Августо Силва, премиерот Заев уште еднаш јасно стави до знаење дека не се преговара за прашањето за македонскиот идентитет.
Министерот за надворешни работи на Португалија Силва и еврокомесарот Вархеји денеска донесоа предлог решение чија цел е надминување на проблемот помеѓу Република Македонија и Република Бугарија. Јас, со тимот во Владата задолжен за овие преговори, пред сѐ со вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров и со министерот за надворешни работи Бујар Османи, сериозно и одговорно ќе ги разгледаме сите детали од предложеното решение. Важно е дека, во овој момент јасно и одговорно можеме да кажеме дека предлогот е добра основа за постигнување решение за проблемот, решение со кое ќе се отстранат сите пречки и ќе се отворат преговорите преку одржување на првата меѓувладина конференција за Македонија. За нас, особено важно е што со ова предлог-решение никако не се допира и не се навлегува во нашите македонски идентитетски прашања, со што нашата круцијална позиција е задоволена, а силно сме убедени дека предлогот е добра основа и за круцијалните позиции на Бугарија, изјави Заев по состанокот со Силва и Вархеји.
Тој смета дека е вистинскиот момент да се оди чекор понатаму, и час поскоро да се постигне договор во интерес на заедничката европска иднина, а тоа како што наведе, „го очекуваат и го бараат граѓаните на двете земји, го очекуваат Европејците, тоа а си го должиме себеси, тоа му го должиме на народот“.
Заев им се заблагодари на Силва и Вархеји за ангажманот да им помогнат на Скопје и Софија да се реши проблемот.
Ја имаме добрата волја, внимателни сме и имаме разбирање за нашите соседи, ги имаме нашите јасни идентитетски македонски позиции за кои не преговараме, а за кои Брисел покажа разбирање, и се надевам дека со ист таков пристап ќе се сретнеме со Софија за доброто на двата народа и за заедничката иднина на двете земји како соседи и пријатели, како членки на НАТО и како идни партнери и членки на ЕУ, истакна Зеав
И додека Вархеи и Силва нудеа решение за двете страни, бугарската новинска агенција БГНЕС веќе имала увид во предлозите на португалското претседателство, па во посебна анализа појаснува дека тие се втемелени на идејата проблемот меѓу Скопје и Софија да не се решава низ преговарачката рамка за членство во ЕУ, туку преку процесот за стабилизација и асоцијација. Според документот, властите во Скопје треба да изготват акциски план, односно патоказ преку кој низ процесот за стабилизација и асоцијација ќе се следи спроведувањето на Договорот за добрососедство. Во анализата на документот што им бил ставен на увид, предвидено е двете земји да потпишат паралелни еднострани декларации за преземените обврски.
Инаку за потсетување Бугарија лани ги блокираше македонските интеграции со тврдење дека соседот кандидат за членство не ги исполнува обврските од меѓусебниот договор, најмногу поврзани со историјата, јазикот и идентитетот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.