Бугарија нема да ја промени својата позиција кон Македонија во следните месеци, велат од бугарското МНР за „Труд.бг“.
Во претстојниот период, Бугарија ќе продолжи со своите напори да им ги објасни на нашите партнери бугарските проблеми во врска со Македонија. Очекуваме реален пристап на солидарност и разбирање од следното претседателство, наведува бугарското Министерство за надворешни работи.
На прашањето на „Труд.бг“, какви активности ќе преземе Софија во следните 6 месеци за да се најде решение за Македонија, од министерството велат дека би било неразумно да се очекува промена на бугарската позиција.
Оваа позиција е предмет на наtпартиски консензус и со 84 проценти јавна поддршка. Да не заборавиме колку бугарски граѓани се наследници на бегалци од Вардарска Македонија. Според Министерството за правда, 88.450 граѓани на Македонија, исто така, имаат бугарско државјанство. Ниту една бугарска влада не може да ги предаде овие луѓе, наведуваат од бугарското министерство.
Во однос на евентуално потпишување на анекс кон договорот за добрососедство, од Министерството велат дека тоа не може само по себе да ги реши отворените прашања во односите со Македонија.
Веќе постои Договор за добрососедство кој во 2017 година е ратификуван од обете страни и доставен до ООН, што Македонија не го спроведува. Ништо не дава причина да веруваме дека друг потпишан документ ќе ја промени оваа практика на неисполнување на меѓународните обврски, се наведува во одговорот.
Од бугарското МНР, сепак, тврдат дека интересот на Бугарија не е да го одложи процесот на пристапување на Македонија во ЕУ, туку конечно да се решат отворените прашања во односите и успешно да се продолжи со процесот на интеграција на сите земји од Западен Балкан.
Понатаму се додава дека со одложувањето на усвојувањето на преговарачката рамка, Бугарија ги бранела својот национален интерес и националната позиција.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.