Државното јавно обвинителство на Република Бугарија на прес-конференција истакна дека загинатите во страшната сообраќајна несреќа починале од задушување.
Аутопсиите покажуваат дека сите загинати починале од задушување, а не од ударот. Тоа значи дека биле живи во моментот на пожарот. Конечна проценка за причините за несреќата ќе треба да дадат финалните анализи, но водечка верзија во овој момент е човечка грешка – како причина за несреќата, изјави на денешната прес-конференција бугарскиот заменик главен обвинител и директор на Националната истражна служба Борислав Сарафов.
Сарафов посочи дека продолжуваат испитувањата и анализите на автобусот, кои треба да дадат одговор за причините и начинот на избувнување на пожарот, како и за сообраќајната анализа за причините за кои автобусот ја напуштил патеката на движење.
Тој додаде дека досега се испрашани двајца сведоци, односно патници во автобусот којшто биле будни во моментот на несреќата.
Изнесувајќи ги собраните до моментот информации, Сарафов, нагласи дека во медиумите гледа доста шпекулации и псевдо експерти, но дека иако по емисиите може да се видат 15 или 20 очевидци, всушност очевидци на настанот нема ниту еден.
Екипа од обвинителството утре заминува за Скопје за подигање на изработените ДНК профили од роднини на настраданите, кои потоа ќе се искористат за идентификување на починатите. Потоа, нагласи Сарафов, ќе може телата на жртвите да им се предадат на нивните семејства.
Несреќата се случи во вторникот на автопатот „Струма“ кога автобус на превозникот „Беса транс“ враќајќи се од Истанбул се запали. Во тек е истрагата на истражните органи и идентификација на жртвите која се очекува да заврши за седум дена.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.