Се надеваме дека до крајот на следната недела ќе заврши постапката за идентификација на починатите и ќе се изврши предавање на телата на семејствата за погребување, рече денеска во Скопје Бисер Јорданов Михајлов, заменик-окружен јавен обвинител на Окружното јавно обвинителство Перник од Бугарија. Во автобуската несреќа на автопатот „Струма“ во близина на Перник, на 23 ноември загинаа 45 лица од кои 12 деца, а седум патници се повредени, но се надвор од животна опасност. Македонските државјани се враќале од Истанбул, каде што заминале на 18 ноември.
Јорданов Михајлов и Младен Христов Петров, истражител во Националната истражна служба на Бугарија, денеска се во Македонија, каде од Јавниот обвинител на Македонија Љубомир Јовески ги преземаа материјалите поврзани со истрагата и со идентификацијата на жртвите во тешката автобуска несреќа во Бугарија.
Денес им ги предадовме профилите на роднините на загинатите со информации во вид на сродство, записници од 8 сведоци, огромен предмет од Министерството за транспорт и врски за ‘Беса транс’ за издавањето на лиценцата, заедно со целокупната документација со која располага Министерството за внатрешни работи (МВР). Сето ова е во интерес на истрагата според меѓународните стандарди. За потребите на обвинителствата на Бугарија и Македонија се обезбедуваат и други докази и се сослушуваат други лица – рече Јовески на денешната прес-конференција во Јавното обвинителство во Скопје.
Јовески додаде дека од утре двајца експерти од Институтот за судска медицина ќе одат во Софија за да се забрза постапката за идентификација и забрзување на постапката.
На новинарски прашања дали има сомневања за корупција, откако автобусот на превозникот „Беса транс“ над 100 пати влегол и излегол од земјава без лиценца, а влегувал и во Бугарија и Турција, Јовески кажа дека тие околности се испитуваат и дека за тоа е отворен предмет во Основното јавно обвинителство.
Седуммина преживеани кои се в болница во Софија од денеска ќе почнат да се враќаат во Скопје. Министерот за здравство Венко Филипче кажа дека денеска ќе дојдат двајца, 17-годишна девојка и уште еден повозрасен пациент, тие се испишуваат во стабилна состојба но имаат повреди и ќе бидат сместени на Клиниката за пластичната хирургија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.