Бугарскиот европратеник од ДПС-Обнова на Европа, Илхан Ќучук, беше домаќин на тркалезна маса со амбасадорите на земјите од Западен Балкан во Брисел, неколку дена пред самитот ЕУ-Западен Балкан во Брдо кај Крањ, во Словенија.
Во размената на мислења со дипломатите и европратениците од групата „Обнова на Европа“ во Европскиот парламент за процесот на пристапување Ќучук изразил загриженост поради зголемените тензии меѓу Србија и Косово.
Загрижени сме за неодамнешната ескалација на косовско-српската граница. На Западен Балкан не му требаат тензии и неизвесност, туку стабилност и кредибилна европска перспектива. Од витално значење е Белград и Приштина да покажат воздржаност и да се вклучат во конструктивен дијалог. Изминатите денови видовме случаи на насилство и одговорност е на носителите на одлуките да ја избегнат натамошната ескалација – изјави Ќучук.
Исто така, било поставено прашањето за односите меѓу Бугарија и Република Македонија и можноста спорот да се реши што е можно поскоро. Ќучук ја коментираше ситуацијата и изрази оптимизам, иако двете земји се во предизборна ситуација.
Очекувам Бугарија и Република Македонија да ги намалат тензиите, да промовираат регионална стабилност и да работат заедно за конечно да се постигне сеопфатен и правно обврзувачки патоказ за нормализирање на нивните односи и почнување на преговарачкиот процес. Се уште има време до крајот на годината да имаме позитивен развој, но за оваа цел потребно е двете земји да покажат политичко лидерство и одлучност – изјави копретседателот на АЛДЕ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.