Новинската агенција БТА акредитира постојан дописник во Скопје, кој бугарските медиуми го немаат веќе 10 години и ќе биде првиот медиум од Бугарија кој ќе отвори прес-клуб во Република Македонија.

Како што јави Агенцијата, дописник на БТА од Скопје ќе биде Маринела Величкова, чија професионална кариера е поврзана со покривање и анализирање на процесите на Балканот како главен уредник и директор на Радио Благоевград при Бугарското национално радио (БНР) и заменик главен уредник на бугарското радио Дарик.

Како новинарка во Радио Благоевград, таа работеше на првиот директен радио мост Скопје – Благоевград, веднаш откако Бугарија ја призна независноста на Република Македонија во 1992 година. Величкова има голем број радио преноси, интервјуа, извештаи, анализи и коментари за процесите во Републиката Македонија и нејзините односи со Бугарија – наведува БТА.

Агенцијата планира да има постојани дописници во сите соседни земји на Бугарија, а првиот е во Македонија. БТА потсетува дека нејзин постојан дописник од Скопје од 1992 до 1995 година беше Николај Колев, како и дека и Костадин Филипов и Мартин Минков беа редовни дописници на бугарски медиуми од земјава.

Бугарската национална телевизија (БНТ) ја затвори својата дописничка канцеларија во Скопје во август 2010 година, а БНР на крајот на декември 2011 година. Прес-клубот на БТА во Скопје ќе биде веднаш до централниот плоштад и официјално ќе биде отворен на почетокот на 2022 година како дел од политиката на агенцијата, обединета под брендот „БТА национален прес клуб“ – информира БТА, потсетувајќи дека во 2018 година во Скопје се одржа XIV Светска средба на бугарските медиуми.

БТА во моментов има два национални прес-клуба во странство и тоа во Босилеград во Србија и во Тараклија во Молдавија. Агенцијата има и 18 национални прес-клубови во Бугарија.

Целта на генералниот директор на БТА Кирил Валчев е да има прес-клуб во секој регионален град во Бугарија, како и во региони со бугарски заедници во странство. Националните прес-клубови на БТА се места за прес-конференции, дискусии, изложби, размена на искуства и обука на новинари, како и други настани каде институциите, организациите и граѓаните испраќаат пораки и објавуваат вести до БТА на национално ниво во Бугарија, а преку сервисот на англиски јазик – во странство. Сите прес-клубови имаат аудио-визуелна опрема и нудат можност за пренос во живо преку интернет – наведува Агенцијата.

Во мај годинава, генералните директори на МИА и на БТА, Драган Антоновски и Кирил Валчев во претставништвото на Европската комисијата во Рим потпишаа договор за размена на информации и професионална соработка, во присуство на претседателите на двете земји Стево Пендаровски и Румен Радев. Согласно договорот, секој ден двете агенции разменуваат вести на денот директно избрани од другата агенција, а другата агенција ги објавува на својата веб-страница без промена, експлицитно наведувајќи и цитирајќи го својот партнер како извор.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.