Бугарија изрази разочарување од Резолуцијата на Собранието на Македонија донесена вчера и со жалење констатира дека таа доаѓа во моменти кога дијалогот меѓу Софија и Скопје, како резултат на вложените дополнителни напори, почнал да преминува во попозитивна и ветувачка фаза, се вели во официјалната реакција од Министерството за надворешни работи на Бугарија.

Оттаму посочуваат дека внимателно ќе ја анализираат содржината и од гледна точка на нејзината усогласеност со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, како и во однос на нејзиното потенцијално влијание врз дијалогот меѓу двете земји.

„За Бугарија е целосно неприфатливо со вакви акти да се мотивира или да се оправдува неисполнување на Договорот од 2017 година, што би било спротивно на принципите на меѓународното право“, посочуваат од бугарското МНР.

За нив, единствениот вистински пат за наоѓање одржливи и земно прифатливи решенија за актуелните предизвици во односите е стриктното придржување на постигнатите договори и преземените обврски, нивно ефикасно и совесно исполнување, како и поддршка на искрен и посветен дијалог.

Македонското собрание вчера со 96 гласа „за“ и еден „воздржан“ ја усвои Резолуцијата за утврдување на македонските државни позиции во контекст на блокадите на европските интеграции.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.