Министерот за надворешни работи на Португалија, Аугусто Сантош Силва, на последниот ден од претседавањето со ЕУ, изјави дека во португалскиот предлог се зборува за македонски јазик, а изјавата на државната секретарка Ана Паула Закаријаш во која таа зборува за „северномакедонски јазик што некогаш бил дел од бугарскиот“ е грешка.
Тој за МИА откри и дека предлогот е прифатен од македонската страна, а „Бугарија може во блиска иднина да го прифати, исто така“.
Предлогот е многу јасен, зборуваме за македонски јазик и предлагаме дека со унилатерална декларација поддржана од декларација на Советот на ЕУ, секоја земја ја дефинира својата позиција, македонскиот јазик е јазик дефиниран согласно со Уставот на Македонија и е кодифициран во 1945 година, но ако сакате да ја знаете позицијата на португалското претседателство, прочитајте го текстот – вели Силва.
Португалскиот предлог беше испорачан на 21 мај, по што Скопје го оцени како добра основа за решавање на спорот, а Софија побара правни гаранции за трајни решенија. Откако Бугарија на состанокот на Советот за општи работи на 22 јуни по вторпат не одобри да се усвои преговарачката рамка за членство во ЕУ, Словенија беше охрабрена и во следните шест месеци да продолжи да работи со двете земји врз основа на тој предлог.
„Канал 5“ завчера го објави делот од документот каде што е наведено решението за јазичниот спор, според кој Бугарија ќе изјави дека македонскиот јазик не постоел пред 1944 година и во сите идни документи треба да биде сметан во согласност со Уставот на земјава, а Македонија ќе изјави дека македонскиот јазик бил кодифициран во 1945 година.
Вакви објаснувања за предлогот даде и премиерот Зоран Заев, кој рече дека годината на кодификација е факт, но за потеклото на македонскиот јазик категорично одбива да разговара.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, не веруваат во изјавите на премиерот и бараат да се стави на јавен увид содржината на разговорите со Софија, како и МНР да реагира на изјавата на Закаријаш.
Она што Заев со месеци го крие од македонскиот народ е токму она за кое зборува Закаријаш во својот брифинг со новинарите – изјави вчера Стефан Андоновски од ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој побара МНР да ја објави јавно комуникацијата со португалските колеги „за да докаже дека протестирала на сквернавењето на македонскиот јазик“ и кабинетот на премиерот да ги објави стенограмските белешки од средбата со Радев.
Од друга страна, во Бугарија ја поздравија изјавата на Закаријаш. Според европратеникот Андреј Ковачев од ГЕРБ, изјавата на Закаријаш потврдува дека Бугарија е ценета членка на ЕУ.
Нашето мислење е почитувано. Колегите во различните институции, Европскиот парламент, Европската комисија, Европскиот совет, ја разбираат бугарската позиција која е поврзана со чувствителниот дел од нашата заедничка бугарска историја, како што е напишано во Договорот за добрососедство и пријателство со РС Македонија – изјави Ковачев за Бгнес.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.