Специјалниот преставник на Владата Владо Бучковски во разговорот со бугарскиот премиер Бојко Борисов, кој беше јавно објавен, открива дека носи нон-пејпер како гаранции дека Македонија нема територијални претензии кон Бугарија и нема да се меша во прашањето за малцинствата, односно прашањата кои го загрижуваат бугарското општество.

Скратеното име на нашата земја Република Македонија е Македонија, и тоа не значи територијални претензии кон Бугарија. Како што стои и во Договорот, ние не се мешаме во внатрешните работи и тоа ќе го почитуваме, вели Бучковски.

Борисов во разговорот вели дека Македонија како суверена држава може да решава на каков јазик ќе говори и објаснува дека тие во Бугарија решиле да говорат на бугарски јазик и дека никој никому не може да му го наложи тоа.

Не сме помислиле да налагаме. Посебно ќе кажам за мене, вели Борисов.

Тој му посочува на Бучковски кои две теми ги загрижуваат нив во Бугарија – суверенитетот на Бугарија и прашањето за малцинствата – и му порачува тоа да им го пренесе на властите во Скопје.

Тие две теми се појавија и го уплашија бугарското општество, дека ќе почнат претензии, и затоа предложивме да се стави во Договорот за добрососедство, му вели Борисов на Бучковски.

Од Владата вечерва велат дека за цело ова време додека се водат преговорите, се  разменувааат документи.

Дводневната посета на Бучковски завршува со средба со бугарскиот претседтел Румен Раден.

Првата средба во Софија Бучковски ја имаше со шефицата на дипломатијата Екатерина Захариева, која негираше дека има вето врз македонските преговори, за неа тоа е само неодобрување на преговарачката рамка.

Во исто време во Брисел, ЕУ лидерите ги решаваат битните прашања за Унијата, а Македонија е тргната од агендата, поради блокадата. Не се исклучува на маргините од Самитот да се разговара и за македонското прашање.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.