Убеден сум дека на средби на работните групи меѓу Македонија и Бугарија на кои теми би биле инфраструктурата, економијата, културата, образованието… ќе може да покажеме дека ние и во изминатиот период имаме направено сериозни подготовки, оцени специјалниот претставник на Владата за Бугарија, Владо Бучковски, во однос на предлогот на новиот бугарски премиер Кирил Петков за забрзување на билатералната комуникација и соработката низ повеќе работни групи.

Во инфраструктура имаме направено многу повеќе од Бугарија. Факт е дека нашиот директор на Македонски железници, Хари Локвенец имаше неколку средби со нивниот директор Папуџиски, каде што дефинира динамика во која конечно ќе се гради пругата меѓу Бугарија и Македонија. Тоа ќе биде еден од најголемите инфраструктурни проекти кој ќе чини 650 милиони евра кој треба да заврши во следните шест години. Од друга страна факт е дека ние го правиме експресниот пат Ранковце – Крива Паланка. Факт е дека подолго време, веќе две децении ги чекаме да ги изградат фамозните 12-15 километри и да го отвориме фамозниот граничен премин Клепало, кој што би ги поврзал Берово и Струмјани. За културата имаме многу што да збориме. Во делот на економијата треба да се види зошто не се реализирани проекциите – изјави Бучковски во гостување во Дневникот на Сител.

Според него, сега се соочуваме со нов предизвик, односно дека мора да се води битка за час поскоро да ги финализираме преговорите.

Заев најавува дека 15 јануари е периодот до кога тој би бил премиер. Ние очекувавме во тој период да го направиме максималниот исчекор. Тргнувајќи од тоа што го гледав во измината година, знаејќи се што во изминатите четири години правеше Заев, сметав и се уште сметам дека тој може да биде дополнителна гаранција за исполнување или имплементација на сето ова што дополнително би го договориле – изјави Бучковски.

Тој оцени дека и кај нас и кај Бугарите недостасува довербата.

Тоа е главниот проблем ако ја читате и претпочитате нивната фамозна декларација која ни создава сериозни проблеми во изминатите две години. Ние тврдиме дека со таа декларација западнавме во овој ќор сокак од кој не може да излеземе. Тие тврдат дека тоа било провоцирано од наша страна заради тоа што Историската комисија не работела според нивните очекувања – изјави Бучковски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.