Во текот на изминатата недела во Македонија се регистрирани 4.463 нови позитивни случаи од 35 градови во државата, што претставува зголемување од 23 отсто во однос на минатата недела.
Податоците од неделниот извештај на Институтот за јавно здравје велат дека во периодот од 1 до 7 март се тестирани вкупно 21.090 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на САРС-КоВ-2, со зголемување од 4,6 отсто во однос на минатата недела.
Како што соопшти Министерството за здравство, најголем дел од новорегистрираните случаи се од Скопје (n=2.160; 48,3 отсто), со неделна инциденца – 349,7 на 100.000 жители. Највисока неделна инциденца од 847,9 на 100.000 жители е регистрирана во Неготино (заедно со Демир Капија)
Процентот на позитивност во споменатиот период се движи од 13,2 до 26,7 отсто или во просек 20,9 отсто, што е за три отсто повеќе во споредба со минатата недела.
Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 години (n=1.026, 23 отсто). Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 30 до 39 години (n=895; 20,1 отсто), од 40 до 49 години (n=803; 17,8 отсто), од 50 до 59 години (n=778; 17,4 отсто) и од 20 до 29 години (n=626; 14 отсто). Најмал број е регистриран кај децата на возраст до девет години (n=104; 2,3 отсто) и од 10 до 19 години (n=231; 5,2 отсто).
По добиени два негативни теста за присуство на САРС-КоВ-2 или со употреба на новиот алгоритам, со статус „оздравени“ се стекнале 3.895 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, што е зголемување за 2,2 пати споредено со минатата недела.
Пријавени се 57 смртни случаи од 16 градови, 17,4 отсто помалку во однос на минатата недела. Во однос на возраста, 50 лицa биле над 60 години, пет лица на возраст од 50 до 59 години и по едно лице од возрасните групи од 30 до 39 години и од 40 до 49 години.
Деталниот извештај на Институтот за јавно здравје за состојбата со Ковид-19 за периодот од 1 до 7 март, како и кумулативната состојба се објавува на веб страницата на Институтот за јавно здравје: http://iph.mk/.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.