Иако постои одлука на Владата за настава со физичко присуство, и постојат протоколи и упатства што МОН пред два месеца ги испрати до сите училишта, изминативе денови главното прашање што си го поставуваат и наставниците и загрижените родители е дали сепак таквата одлука ќе се промени имајќи ги предвид лошите бројки на починатите и новозаразените од ковид-19.

Уште повеќе затоа што се излезе во пресрет на барањата од полошкиот регион поради степенот на ширењето на вирусот средните училишта наставата да ја почнат онлајн. Барање за онлајн-настава во сите основни и средни училишта има и Општината Маврово – Ростуше, каде што кризниот штаб ја информира Владата и нејзината Комисија за заразни болести дека таму има над 500 активни случаи на болеста, но и дека тие бројки веројатно се многу поголеми. Болеста е раширена и во други делови од земјава.

Повеќе директори на основни и средни училишта, по одржани разговори во рамките на наставничките совети и училишните одбори, бараат средба со министерката за образование Мила Царовска. Велат дека имаат информација дека таква средба е можна утре или задутре.

Имаат повеќе дилеми, но главните се однесуваат на тоа што во еден број училишта во моментов има наставници и вработени што се болни од ковид-19, дел се во изолација поради болен во блиското опкружување, потоа затоа што во секое училиште има наставници што не сакаат да се вакцинираат, а што внесува дополнителен ризик.

Од МОН велат дека опфатот на вакцинираните наставници е околу 70 проценти, но нема детална информација каков е опфатот по општини.

Во однос на самите протоколи за изведување на наставата со физичко присуство, наставниците велат дека дистанцата меѓу учениците, и во услови тие да бидат најдисциплинирани, нема да биде можна ако се има предвид дека во најголем број училишта, особено во поголемите градови, одделенијата или класовите имаат и по над 30 ученици. Реагираат на неодамнешната изјава на Царовска дека слични здравствени протоколи има и во западните земји и дека таму генерално наставата се изведува со физичко присуство.

Но во развиените земји никаде нема во еден клас да учат по 33, 35 или 38 ученици. Со години се зборува во Македонија за овој проблем, не поради пандемија, тогаш немаше ковид-19, туку заради квалитетот на наставата. И имаше такви ветувања. Пандемијата само го актуализира тоа прашање, поаргументирано од што било досега, велат наставници.

Директорите велат дека добиваат списоци со потписи од родители што бараат нивните деца да учат онлајн, или стартот на учебната година да се одложи, во страв од влез на болеста во нивните семејства. Велат дека се свесни дека МОН не може да исполнува желби, но нагласуваат дека сепак здравјето на граѓаните треба да е приоритет и порачуваат дека се загрижени поради тоа што епидемијата во земјава е широко распространета.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.