До вторник нема да има измени на рестриктивните мерки кои се на сила, откако состанокот на Комисијата за заразни болести заврши без предлог до Владата. Во меѓувреме се бележат рекорди во нови случаи на ковид-19 во земјава, а надлежните остануваат на ставот дека ситуацијата е под контрола.

Вчера Министерството за здравство регистрираше нови 1.422 случаи од направени 4.277 тестирања, а битката со вирусот ја изгубија 33 пациенти, од кои најмладиот на 38-годишна возраст. Претседателот на Комисијата за заразни болести, Жарко Караџовски вели дека сега во земјава е присутен британскиот сој, кој се шири многу побрзо и за пократко време развива тешка клиничка слика.

Статистиката за бројот на хоспитализирани што вчера ја објави Министерството за здравство покажува дека во ковид-центрите и инфективните одделенија низ државата се лекуваат 1.537 лица и има околу 250 слободни кревети. Само во Скопје за едно деноноќие се хоспитализирани 70 нови пациенти, а на инфективните одделенија се лекуваат вкупно 621 лице.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.