Четвртиот бран на пандемијата зема се поголем замав. Почина 21-годишно момче во Тетово кое немало хронични заболувања. Од Министерството за здравство апелираат младите да се вакцинираат за да не развиваат тешки форми на болеста, а од Лекарската комора, поради немање национални протоколи, побараа од надлежните институции и лекарските здруженија да споделуваат стручни совети за сите отворени прашања и дилеми за да може граѓаните да изградат став врз основа на точни факти, а не на дезинформации.

Според последната ковид статистика на Министерството за здравство, во последните 24 часа во земјава се регистрирани нови 1.166 случаи од направени 6.458 тестирања. Во истиот период се починати 29 лица, од кои најмладиот на 37-годишна возраст. Бројот на активни случаи достигна 12.673.

Тетовскиот Ковид центар вчера соопшти дека починало 21-годишно момче кое било третирано со антивирална терапија по најновите протоколи за лекување, но оти неговиот организам бил отпорен на терапијата.

По официјални анамнестички податоци што ги имаме, се работи за лице без никакви коморбидетети. Неофицијално, по претпоставка се сомневаат за некаков синдром, според искуството на лекарите – изјави вчера коодинаторот на Ковид центарот д-р Гзим Нуредини.

Според Министерството за здравство, се повеќе млади се на удар на четвртиот бран на пандемијата и развиваат тешка клиничка слика. Апелираат младите да се вакцинираат.

И од Лекарската комора вчера порачаа дека вакцината е најефикасното решение за заштита од вирусот која значително ги намалува шансите за компликации од болеста.

Научните докази ги потврдуваат овие сознанија, затоа не треба да постои дилема, туку секој кој нема апсолутни контраиндикации верификувани од стручно лице поврзани со вакцината треба да се имунизира што поскоро, бидејќи така ќе се заштити себеси и своите блиски. Секако ја потенцираме и неопходноста од почитување на мерките за заштита, како носење заштитна маска, обезбедување на социјална дистанца и избегнување на собири во затворен простор каде постои близок контакт – наведоа од Лекарската комора.

Според Комората, непостоењето на стручни совети за сите отворени прашања и дилеми создава простор за слободни толкувања од нерелевантни извори кои нанесуваат огромна штета на процесот на вакцинација, а со тоа и на напорите да се стави епидемијата под контрола.

Здравствените работници треба да споделуваат ставови кои се базираат на научно докажани факти и да се воздржуваат од промоција и споделување на шпекулации и непроверени сознанија. Секогаш, а особено во услови на пандемија е важно здравствените професионалци во своите активности да се водат од Етичкиот кодекс, Законот за здравствена заштита и медицината базирана на докази, дистанцирајќи се било какво политичко или некој вид на друго влијание – апелираа од Лекарската комора.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.