Бројките на позитивните случaи во Битола и регионот расте, а полека се зголемува и бројот на хоспитализирани во Ковид центарот во Битола, иако таа бројка не е толку висока како во неколку ковид центри низ државата. Битолската болница моментално функционира во редовен режим, но од септември ќе се реорганизираат.

Поради зголемениот број на хоспитализации, ќе мораме да започнеме со ротации и на одредени специјалности ќе им се редуцира работењето. Како и претходните бранови растат бројките, но Битола доцни малку со пикот на бранот. По четврт пак ни се случува тоа, додека регионот има наплив на пациенти и високи бројки и кога бројките во регионот паѓаат тогаш Битола го постигнува пикот, вели д-р Билјана Гагачовска, директор на Клиничка болница – Битола.

Д-р Гагачовска се надева дека нема да се повтори ноемврискиот или априлскиот бран со оглед на високиот процент на имунизација во Битола.

Се надеваме дека ќе нема прилив на огромен број пациенти кои ќе имаат потреба од хоспитализација, бидејќи тие пациенти кои се вакцинирани имаат поблаги симптоми, поминуваат со амбулантско или дневно-болничко лекување. Но ние имаме доволно капацитети и за најцрното сценарио сме спремни да го пречекаме, како и претходно, вели д-р Гагачовска.

Од инфективното одделение во Битола велат дека поголем е бројот на лица кои доаѓаат на амбулантски преглед, отколку хоспитализирани. Пациентите кои се третираат амбулантно се со лесна клиничка слика.

Хоспитализираните пациенти кои се на оддел, се со потешка клиничка слика, со билатерални бронхопневмонии, пациенти во главно кои не прележале Ковид и не се вакцинирани против Ковид. Сите пациенти кои имаат примено две дози на која било вакцина, имаат солиден имунолошки одговор. Вакцината не штити 100%, некои вакцини имаат 70%, некои 85%, значи и после примањето на двете дози ние не треба да бидеме релаксирани, вели прим. д-р Ели Димитровска, началник на Инфективно одделение – Битола.

Токму затоа д-р Димитровска вели дека после вакцинирањето треба да се продолжи со почитување на сите мерки кои веќе 16 месеци ни се секојдневие. Инаку деновиве бројот на хоспитализирани во Ковид центарот во Битола е околу 30, додека пред 3 дена имало дури 80 прегледи во амбулантата на Инфективното одделение.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.