Американската амбасадорка во Македонија Кејт Брнз денеска разговарала со лидерите на Коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива, Зијадин Села и Африм Гаши, со цел да ја истакне потребата да бидат конструктивна и ангажирана опозиција, објави Амбасадата на САД на својот Фејсбук профил.
Амбасадорката Брнз ги охрабри двајцата лидери да соработуваат со останатите со цел да ги надминат предизвиците со кои се соочува земјата во моментот, посочува Амбасадата на САД.
Коалицијата на Алијанса на Албанците и Алтернатива претходно објави дека останува на ставот дека пописот не треба да се одложи и нагласи дека нема да дозволи да се одржи денешната собраниска седница, на која на дневен ред се Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во 2021 година по скратена постапка и Предлог на закон за изменување и дополнување на Изборниот законик, по скратена постапка.
Во меѓувреме Собранието денеска ја почна 38. седница со двете точки на дневен ред, одложување на пописот што би се одржал од 5 до 30 септември, како и измена на Изборниот законик со којшто се предвидува употреба на терминали за отчитување на отисок од прсти на локалните избори, што исто така ќе бидат одложени за втората половина на октомври.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.