Британскиот сој брзо се шири во државата. Тоа е и главната карактеристика на овој вид корона. Министерот за здравство Венко Филипче вели дека зголемениот број на заразени лица со Ковид-19 во последниве неколку дена се должи на присуството на британскиот сој на вирусот, за којшто е карактеристично тоа што многу брзо се шири. Од приватната клиника „Жан Митрев“ посочуваат дека според нивните анализи, кај 70% од пациентите е детектиран британскиот сој.
Периодов може да има измена на мерките, тоа ќе зависи од епидемиолошката состојба, вели министерот за здравство Венко Филипче.

Следиме дали овој тренд ќе продолжи вака до тој степен да биде ризик повторно да се преоптоварат болничките капацитети. Но, не ја исклучувам можноста за нови мерки, рече Филипче.

Сепак, и покрај загрижувачките бројки на ново заболени од британскиот сој на корона, во понеделник, на први март, почнува пописот на неколку категории граѓани. Еден месец пред останатите ќе бидат попишувани припадниците на Армијата, вработените во Дипломатско-конзуларните претставништва, затворениците, бездомниците, но и оние државјани што живеат надвор од земјава.

Премиерот Зоран Заев и понатаму цврсто стои на ставот дека попис на населението мора да се одржи. И по цена да се зголеми бројката на заразени од корона, попис ќе мора да има, вели Заев.

Ако сме држава којашто 20 години нема попис, тоа треба да го направиме час поскоро. Убеден сум дека ќе имаме успешен попис од 1 до 21 април, онака како што е предвидено.Очекувам од опозициската најголема партија будно да го следи процесот и да ги мотивира граѓаните сите да се приклучат затоа што само така е исправно и убеден сум дека ако одложиме до есен, тогаш ниту кампања не можеме, истакна Заев.

Во меѓувреме, ВМРО-ДПМНЕ собира потписи од граѓаните, пописот да се одложи за другата година. Тоа го направија многу европски па, и светски земји, кои поради короната ги одложија своите пописи за во 2022 година.

Пред се сакам да истакнам дека сум премногу задоволен и премногу благодарен на многу македонски граѓани што ни дадоа потпис. Зборувам оној потпис на овие штандови за оној фалсификат попис. Сакам да најавам дека преку 80.000 потписи собравме за една недела, тоа е навистина за поздрав и за восхит. И затоа уште еднаш ќе кажам 80.000 потписи за една недела е навистина еден добар ветер во грб за сите нас пратеници. Се разбира потоа ние ќе го доставиме овој закон и во Собранието и ќе се надеваме се разбира да има слух оваа власт, да не тера со главата во ѕид, истакна денеска потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.