Бришењето на предметот историја од основното образование доаѓа во моменти кога премиерот Зоран Заев ретушира историја и преговара за идентитетот, изјави денеска на прес-конфренцијата Иванка Василевска од ВМРО ДПМНЕ.
Според ВМРО ДПМНЕ, бришењето на историјата како училишен предмет се води во исто време со квислиншките политики на оваа владејачка гарнитура.
Отстапките и сервилноста на Зоран Заев пред барањата на нашиот источен сосед за бришење на македонскиот јазик, бришење на македонската посебност и културниот историски континуитет, се продлабочуваат со информациите кои пристигаат дека Зоран Заев подготвува замена на членовите на комисијата за историски прашања, со цел поставување негови политички поддржувачи кои што ќе прифатат политичко наместо научно решение. Со други зборови, Заев според информациите се подготвува да ги смени историчарите и да постави политички полтрони заради неговата цел – завршување на проектот воден со предавнички политики, рече Василевска од ВМРО-ДПМНЕ.
Според ВМРО ДПМНЕ, тргањето на историјата од основното образование, се случува истовремено кога сиот народ прашува што содржи понудата напишана од Заев до Софија.
Заев ја крие содржината на нонпејперот, која што не би можела да биде подалеку од содржината на скандалозното интервју дадено за бугарски медиум. Пред вас е обид за бришење на историскиот континуитет на Македонија и на македонскиот народ, обид за бришење на темелот и вековниот државотворен стремеж за Македонија. Пред вас е обид за бришење на научните факти за македонската посебност и обид со предавнички политички зафати да се прифати дека Македонија и Македонците се вештачка творба. Историјата ги содржи сите одговори за она што е содржано во битот на еден народ и едно современо општество и во која насока истото треба да се развива. Историјата го определува идентитетот на еден народ. Бришењето и менувањето на историските факти заради дневно политичките потреби на Зоран Заев, воедно со се тргањето на предметот Историја како засебен училишен предмет е проект кој што не смее да помине, вели Василевска.
Таа апелира дека бришењето на предметот историја од основното образование доаѓа во моменти кога Заев ретушира историја и преговара за идентитетот.
Историјата е наука и таа не смее да биде производ на одроднички и сервилни политики. Уште еднаш повикуваме на разум и на повлекување на концептот кој што содржи ретуширање на историјата, како личен производ на предавничките политики на Зоран Заев. Повикуваме на отфрлање на ваквиот тенденциозен концепт за образование и апелираме отворање на широка и детална јавна дебата за да не се случи македонската историја да биде одземена од македонската иднина, рече Василевска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.