Наспроти паметниот официјален став на СДСМ за потребата од „длабинска истрага“ за случајот на рекет, изнуда и перење пари, за кој е осомничен сега веќе притворениот Бојан Јовановски, популарниот Боки 13-ка, читам дека некои другарчиња се обидуваат скандалот за милионскиот рекет да го забошотат со еден опасен спин, со една теза чија исходишна точка повторно ќе биде – опструкција на правдата, пишува Бранко Героски во колумната под наслов „Без копрцање, препорачувам, истрагата пенетрира длабински!“ објавена на Плус инфо.

Героски потенцира дека „Спинот се состои во тврдењето дека Јовановски навистина зел 1,5 милиони евра од бизнисменот Орце Камчев и навистина барал уште неколку пати по толку (еве, самите спинери ја кршат презумпцијата на невиноста на нивниот „штитеник“), но тоа не го прави Боки 13-ка обичен рекетар, туку современ Робин Худ, кој успева да ги „зафркне“ богатите, да им земе пари и по принципот „пола пије, пола шарцу даје“, еден голем дел да задржи за себе, а дел од тие валкани пари да им подари и на сиромашните“.

Кога поранешниот опозиционер и сегашен премиер Зоран Заев дојде во посед на илјадници нелегално прислушувани разговори – кои, повторувам по кој знае кој пат, според Законот за кривична постапка (член 12 став 2) не смеат ни да се употребуваат како докази, а камоли врз нив да се засновува судска пресуда! – под притисок на јавноста, словото на законот беше прекршно и во името на „јавниот интерес“ беше дозволено т.н. бомби да се емитуваат јавно. Би рекол, бесправно, но со многу добра причина. Потоа, со Пржинскиот договор, беше формирано Специјалното јавно обвинителство, со цел врз основа на овој материјал да покренува истраги и обвиненија. Тој потег јавноста го дочека со големо одобрување, а трите специјални обвинителки веднаш станаа хероиини на нацијата и естрадни ѕвезди.

Што требаше да стори СЈО? „Трите грации“, на чело со Катица Јанева, требаше да ги искористат нелегално прислушуваните разговори како индиции за поведување сериозни (баш длабински, одговара тој збор) истраги и да прибираат други докази – изјави на сведоци, материјални докази, вештачења и слично. За да ја оствари таа цел, СЈО беше одлично кадровско екипирано и опремено со солиден буџет. Затоа сите се понадевавме дека токму оваа институција ќе биде лицето на нашата нова правда.

За жал, како што напишав повеќе пати (и со тоа го навлеков гневот на голем дел од јавноста), СЈО сериозно потфрли. Точно, беа покренати многу случаи, но во повеќето од нив не беа спроведени длабински истраги, не се дојде до квалитетни материјални докази и затоа се инсистираше судот да ги прифати нелегално прислушуваните разговори како крунски докази. Да повторам уште еднаш – отворете го Законот за кривична постапка и ќе видите дека тоа не е дозволено, а тоа значи дека сите судски пресуди што се засновуваат на вакви „докази“ ќе паднат во вода (кога и да е). Дополнително, СЈО брифираше група новинари за своите кејсови (како „Империја“, на пример), со јасна цел обвинетите да бидат осудени од јавноста, пред тоа да го  стори судот. Сето тоа заедно беше едно опасно кршење на презумпција на невиноста и на основните процедури во судските постапки, пишува меѓу другото Героски.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.