Со отцепувањето од коалицијата со Алијанса за Албанците и со прифаќањето на предлогот на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, да биде дел од владата, партијата на Африм Гаши, Алтернатива, практично ѝ прави огромна услуга на партијата на Али Ахмети, ДУИ, но по цена на политичко самоуништување, вели Владимир Божиновски од Институтот за политичко истражување (ИПИС).

Тој во изјава за Плусинфо посочува дека на следните парламентарни избори на Алтернатива сериозно ѝ се заканува исчезнување од политичката сцена, бидејќи, како што вели, потегот да влезе во коалиција со СДСМ и со ДУИ ќе предизвика силна конфузија кај гласачкото тело кое е опозициски настроено и чија цел е да се прекине 20-годишното владеење на Али Ахмети.

Сега е моментот кога раководството на Алтернатива смета дека може најдобро да се испазари со власта. На локалните избори оваа партија не помина баш најдобро, односно имаше одредени намалувања во однос на поддршката, па сега најверојатно раководството смета дека ако влезат во владата ќе можат да привлечат клиентелистички гласови. Но, тие всушност влегуваат во владата во момент кога владата го губи легитимитетот. Сето она што е негативно кај владата, практично ќе се пренесе и врз Алтернатива, а да не зборуваме за тоа дека кај нивните гласачи ќе се направи комплетна конфузија. Партијата доби гласови како дел од коалицијата со Алијанса за Албанците со цел да се турне ДУИ од власт, а сега токму Алтернатива влегува во коалиција со ДУИ. Очигледно е дека целта им била да се дојде на власт по која било цена. Кај етничките албански партии се издвојуваат две: ДУИ како власт и Алијанса за Албанците како опозиција, додека, пак, за Беса, а особено за Алтернатива, се добива впечаток дека немаат некаква идеологија, туку само желба да се дојде на власт. Оние луѓе кои гласале за коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива генерално се опозициски настроени и нивната цел е да ја турнат ДУИ од власт. Па така, влегувањето на Алтернатива во владата е исто како да влезе Левица во коалиција со СДСМ. Но, Алтернатива многу добро го знае тоа и сега се обидува да придобие клиентелистички гласови, ама зошто тие клиентелистички гласови би дошле кај Алтернатива кога можат да појдат кај ДУИ? Алтернатива требаше да биде всушност алтернатива за ДУИ – објаснува Божиновски.

Тој посочува дека постојат два проблема со влезот на Алтернатива во владата, а како што вели, со ваквиот потег ѝ се заканува и исчезнување на партијата од политичката сцена во Македонија.


Целиот текст ТУКА



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.