Состојбата која целиот свет ја преживува, со пандемијата, ни докажа колку човекот е немоќен, и покрај сета своја самоувереност и покрај сите свои достигнувања и знаења. Но, најстрашната пандемија на денешницата е тоа што луѓето заборавија да Го љубат Бога и да ги љубат луѓето. Возљубени Христољупци, покајанието и поправањето се најдобриот лек против сите болести на телото и на душата. Годината пред нас нека биде време на победа над злото и над непријателствата коишто владеат со светот, нека биде време благопријатно за изобилни духовни плодови и време во кое ќе заврши страдањето од подмолната болест.

Ова го истакнува архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан во божикното обраќање по повод претстојниот празник Рождество Христово – Божик.

На овој спасоносен ден, Ветениот Месија, за Кого пророците пророкувале и праведниците Го очекувале, Синот Божји, Кој вечно се раѓа од Отецот, се родил во времето, слегол од небото на земјата придружен со песни на ангелите, дочекан од пастирите и даруван од мудреците. Денес Господ, заради нас луѓето, се понижил и го зел нашето тело, за да нè ослободи од ропството на гревот и смртта, за да ни дарува живот во вистината и радост која никој не може да ни ја одземе. Божјото човекољубие е причината што денес ликува сета вселена – славејќи го помирувањето меѓу Бога и човекот.

А Синот Божји, доаѓајќи во човечко тело, како Богочовек, потврди дека Бог ги љуби светот и човекот. Зашто каде е љубовта, таму е и самиот Бог – оти Бог е љубов. Нашево, пак, време, е време кога особено се испитува нашата вера. Животот постанува сѐ потежок и понеизвесен. Во светот секојдневно има сѐ повеќе човечки трагедии и страдања; сè повеќе царуваат самољубието, бесчувствителноста, жестокоста, лицемерието, зависта, горделивоста, а љубовта сѐ повеќе е заменета со омраза и доброто со зло! Тоа е така зашто сѐ помалку Го имаме Христа во животот, а и на другите не им го правиме она што сакаме нам да ни го прават. Заборавивме дека без Него, не ќе можеме да правиме ништо.

На сиот наш народ, овде во Татковината и насекаде по светот, им ги честитаме божикните празнувања, поздравувајќи ги со серадосниот поздрав: Христос се роди! Честито и благословено Новото Лето Господово!, стои во божикното обраќање на г.г. Стефан.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.