Делта сојот ги полни болниците и изминатото деноноќие дури 57 пациенти биле хоспиталзиирани во здравствените установи низ државата. Вкупната бројка на оние кои поради компликации од вирусот имаат потреба од медицински надзор се искачи на 1070 од кои една третина се во главниот град. На Инфективна и денеска нема слободни кревети а се полни и градската болница 8-ми септември. По Тетово критично станува и во Куманово каде за 24 часа имале дури 40 приеми за болничко лекување. На голем наплив од пациенти алармираат и од Штип каде капацитетот е речиси исполнет и затоа е отворена модуларната болница во Кочани. И во источниот регион и во западниот но и во скопските болници голем број од болните се млади лица кои завршиле кај нив во тешка состојба.

Дека состојбата со Ковид 19 е критична предупредува и лидерот на ДУИ Али Ахмети кој вели дека постојано добива вести од пријатели кои загубиле членови на семејствата. Синоќа и Беќир Асани и Невзат Бејта останаа без своите браќа поради подмолниот вирус, напиша Ахмети на Фејсбук.

Првиот човек на интегративците вели дека со неговото семејство примиле вакцина уште во мај и апелираше до граѓаните за масовна вакцинација и почитување на мерките.

Досега во земјата над 500 000 граѓани примиле две дози на вакцина.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.