Бојан Јовановски на денешното рочиште за случајот „Меѓународен сојуз“ најави дека ќе следуваат уште кривични пријави штом неговиот адвокат Сашо Дукоски се опорави од коронавирусот.
Боки објаснувајќи ги изведените докази од страна на обвинителката Ивана Трајчева рече дека тие се неразбирливи, нејасни и дека веќе биле изведени во претходниот случај „Рекет“.
Затоа барам овие докази судот да не ги цени и да не ги прифаќа, појасни Боки.
Откако судијката Софче Гаврилова Ефремовска го прекина денешното рочиште и закажа следно за на 25-ти овој месец, Боки ѝ се обрати:
Дали вие знаете дека нема да бидете изземени штом закажувате следно рочиште. Јас знам дека нема да бидете изземени.
Судијката рече дека имајќи ја предвид здравствената состојба на првообвинетиот Бојан Јовановски денешното рочиште завршува и побара да ѝ биде доставена медицинска документација за неговата здравствена состојба.
Во текот на судењето Јовановски, пред судот се пожали дека од специјалист му е наложено во следниот месец да биде на строга терапија и во легната состојба, како и дека не може да го следи изведувањето на доказите.
Првообвинетиот на почетокот побара изземање на судијката поради, како што рече, пристрасност, бидејќи била дел од судечкиот совет на случајот „Рекет“. Судијката, рече дека, барањето ќе биде проследено до претседателот на Судот, по што рочиштето продолжи со изведување на материјални докази, предложени од Обвинителството.
За случајот со невладината организација Меѓународен сојуз, основана од Бојан Јовановски-Боки 13, преку која според обвинението биле измамени бизнисмени за наводни центри за возрасни лица, обвинети се и Фросина Ременски, Миле Јовановски, таткото на Боки 13 и Јасна Мандиќ. Јовановски е обвинет за измама и перење пари. Ременски, како потпретседателка на невладината организација е обвинета за помагање во делото измама, Мандиќ за помагање во измамата и перењето пари, Миле Јовановски се терети за помагање во перењето пари и за неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје. Како правно лице обвинета е и невладината организација.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.