Бојкотот на вториот круг на претседателските избори на 5 мај е контрапродуктивен и не може да се поистоветува со ситуацијата за референдумот, вели професорот по уставно право и претседател на „Левица“, Димитар Апасиев во денешното гостување на ТВ Алфа.

Дециден е дека за разлика од референдумот во 2018, каде што тој го заговараше бојкотот како легитимна опција за политички цели, сегашниот бојкот на претседателските избори, а особено на решавачкиот втор круг, е несериозно однесување.

Сега е прашање дали ќе биде постигнат цензусот кој води до легитимен избор на новиот претседател на државата. Луѓето се станати апатични по разочарувањата од власта – очекуваа реформи, а не ги добија. Ја разбирам разочараноста од партиите, но сега станува збор за личен избор, а не партиски. Негласањето води до две сценарија, намалување или целосно бришење на цензусот и избор на новиот шеф во Собранието. Ако власта имаше слух на пораките од народот, предвремени парламентарни избори досега ќе имаше по неуспешниот референдум.

Залудно е бојкотирачите сега да се надеваат дека во случај на неуспех, Заев ќе распише предвремени избори. Во историја на Македонија не се случило вакво фијаско на владејачка гарнитура за две години да изгубат толку многу гласачи. Затоа нема да има нови избори, па ќе глумат демократија. Бојкотот и одговара на власта затоа што им отвора простор за фалсификати. Шарена револуција разочара многу луѓе и затоа е оваа апатичност – една кнедла која остана закочена и не го добивме она за што се боревме, коментира Апасиев.

Во однос на обвинувањата дека постои договор со професорката Сиљановска Давкова тој да биде дел од претседателскиот кабинетот доколку таа биде избрана за претседател на државата, Апасиев вели дека доколку досега „се шиткал за фотеља досега би бил пратеник или министер“. Во четврток Президиумот на Левица ќе донесе одлука дали ќе ја поддржат кандидатурата на професорката Сиљановска. Сепак прогнозира дека цензус ќе има и очекува тесна победа на Сиљановска врз основа на аргументите

Имавме средба со Заев, ни ветуваше пратенички места, но ние ставот го градиме согласно нашите принципи, ни пречи кога до вчерашен другар не обвинува дека некој ни купувал кола. Да сакав да се шитнам, уште кога ми понуди Заев, ќе прифатев и досега ќе бев пратеник. Ако бидам пратеник, тоа нема да биде преку шлепање на големите коалиции, туку со заслуга на Левица, рече Апасиев.

Во врска со внатрепартиските превирања, првиот човек на „Левица“ во Отворено на Алфа порача дека обидот за пучот во партија бил несмасен обид на како што вели довчерашниот другар Савески, кој доби и судска одлука. Се потврди дека Левица е една и во фаза се на ребрендирање.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.