Очигледно непрошетан по калливите улици во населбите Први, Втори и Трети реон, недоволно информиран за распаднатите улици во населбата Милково Брдо и непостоечките улици во населбата Ѕвегорска река, денеска Министерот за транспорт и врски, во време на предизборна кампања спротивно на изборниот законик се појави во Делчево во промоција на кандидатот за градоначалник на СДСМ Горан Трајковски. Опкружен со партиски активисти на СДСМ, затворен за критички настроените медиуми кои не беа поканети на неговата прес конференција, Благој Бочварски читајќи од лист хартија им соопшти на делчевци како Делчево во изминатите 4 години добило модерен изглед на модерно, градско урбано подрачје, пишува Бегалнички.
Во обид да прибере некој политички поен за актуелниот градоначалник и кандидат за втор мандат Горан Трајковски од СДСМ Бочварски соопшти дека ветувањата кои што ги давaле истите ги исполнувале.
Бидејќи бегаат од критички настроените медиуми, на Благој Бочварски Брегалнички му постави прашања кои што Горан Трајковски избегнува да ги одговори иако постојано за истите е прозиван јавно од наша страна:
- Од кои причини општината предводена од Горан Трајковски не успеа да изготви проект за водоснабдување на Голак?
- Од кои причини не се заврши со изградбата на фабриката за вода на Брана Лошана?
- Од кои причини не се рреализираше изградбата на Кејот на река Брегалница?
- Од кои причини не се реконструираше прифатилиштето во Делчево?
- Зошто не се изградија улиците во Ѕвегорска Река во изминатите 4 години?
- Зошто се чека да се случи ( не дај Боже) некоја несреќа со нереконструираниот мост на река Брегалница на ул. Индустриска?
- До каде е целосната замена на азбест-цементните цевки?
- Зошто Горан Трајковски се откажа од изградбата на патот Делчево-Црна Скала? Дали ќе го заборави истиот и во наредниот 4 годишен мандат доколку пак стане градоначалник?
- Дали жителите на населба Први реон и во наредните 4 години ќе ги одмине изградбата на деловите на ул. Разловечка, изградбата на ветената атмосферска канализација или ветената канализација за домовите кои што во 21 век се уште ја немаат?
- Горан Трајковски како градоначалник платен од парите на сите граѓани исто така е должен во јавноста да им одговори на жителите од населбата Втори Реон зошто не го изгради спортското игралиште и детскиот парк и зошто се уште водоводната линија на ул. Ванчо Прќе поминува низ дворовите и под куќите на граѓаните на Втори реон?
- Секако и жителите на Трети реон треба да знаат зошто Горан Трајковски заборави да го изгради спортското игралиште на м.в Чуката во Маџир Маало или зошто не е реконструиран објектот викан Домот кој што Горан Трајковски ветуваше дека ќе биде катче за пензионерите?
- Жителите пак на населбата Ново Делчево се уште очекуваат одговори зошто не се вршеше чистење на реката Габровчица во изминатите 4 години и зошто се уште спортската сала кај градскиот стадион е објект во кој може да се снимаат хорор филмови?
- Поради избегнувањето на критички настроените медиуми од страна на Горан Трајковски во изминатите 4 години, жителите на населбата Милково Брдо никогаш нема да дознаат зошто не беше изграден ветениот дел од регулацијата на река Габровчица која што минува низ дел од населбата.
- Исто така за жителите на руралните места остануваат неодговорени прашањата:
- Oд кои причини не се реализираше изградба на водовод во село Ѕвегор и регулација во село Вирче?
- Зошто не се уреди Мановски Ендек во село Габрово во изминатите 4 години?
- Зошто не се изгради ветеното детско игралиште и не се направи уредување на археолошкиот локалитет Тврдина во село Град?
- Жителите пак на село Тработивиште и ден денес прашуваат што стана со изградбата на патот до Светите Води, со изградбата на детското игралиште или решавањето на проблемот со дивите депонии во селото?
- Жителите на Разловци пак имаат најмногу неодговорени прашања за кои што градоначалникот Горан Трајковски не смогна сили да ги одговори јавно и транспарентно како што ветуваше во 2017 година: Зошто не се реконструираше зградата на подрачното училиште, кои се причините за нерешениот проблем со водоснабдувањето на селото, кои беа причините што не се реконструираше патот на влезот од селото или пак поради што се уште дивите депонии стојат негибнати од страна на надлежните во селото кое е нагрдено со истите?
Се чини листата на неодговорени прашања е голема, и секако одговорот на истите е во интерес на граѓаните на Делчево.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.