Во селото Дебриште кое се наоѓа во Општина Росоман, сместени се пластеници во кои се одгледувал канабис. Косопственик на фирмата која раководи со таа плантажа е добро познато име – Предраг Колувија, првообвинет во два предмета по кои се водат постапки пред Судот за организиран криминал во Белград, пишува српски БИРН.
Деловни партнери на Колувија во Македонија биле луѓе кои имаат поврзаност со премиерот Зоран Заев и со членовите на неговото семејство, додава БИРН.
Пластениците денес се напуштени, а до 2019 година во нив се одгледувал канабис, кој според дозволата од македонската Влада, можел да се произведува и да се користи исклучително во медицински цели, истражува БИРН.
Меѓутоа, истражувањето покажува дека таму била злоупотребена ваквата дозвола, бидејќи не била водена прописна евиденција за бројот и видовите на билки кои се одгледување на плантажата, а тоа укажува дека дел од нив можел да заврши на црниот пазар.
За плантажите на Колувија во Македонија, Србија дознала откако српската полиција во неговите мобилни телефони ја пронашла апликацијата „Разговор“ која била користена за заштитена комуникација.
Според БИРН, постоела уште една група – „Производство Росоман“ за луѓето кои биле вклучени во производството на канабис во Македонија.
Поради ваквите сомнежи, српското Јавно обвинителство за организиран криминал, како што дознава БИРН, во февруари годинава испратило барање за меѓународна правна помош до македонското Јавно обвинителство за организиран криминал и корупција, барајќи од нив помош за утврдување на идентитетот на корисниците на групата „Производство Росоман“.
„Во оваа група има фотографии од просториите на објектот каде што се одгледувала, сушела и се вакумирала зелена материја за која се претпоставува дека е канабис“, пишува во дописот на српското Обвинителство.
Заедничкото истражување на БИРН Србија и на БИРН Македонија покажало дека освен плантажите во Росоман, Колувија и неговите соработници контролирале уште една фирма во земјава која имала дозвола за одгледување канабис за медицински цели.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.