Битолчанката Виолета Толевска, која се сомнева дека во нејзиното тело има заборавена газа од операција што и била направена во 2018 година, вели дека има неподносливи болки и сериозно влошена здравствена состојба поради што почнала да исплукува материјал, во форма на боцки кои исто така излегуваат од нејзината кожа.
Таа моли да се најде лекар во земјава што најпрво ќе ја згрижи, за да закрепне од анемијата, посинувањето на рацете и сите васкуларни компликации што ги има, додека не биде предоцна.
Животот на Толевска до 3 април 2018 година бил вообичаен. Како самохрана мајка, се грижела за својот опстанок со работа како негувателка во градинка. На лекар отишла зашто чувствувала болки кои што личеле на предменструални болки и имала цистит, меѓутоа лекарите пронашле дистандирано црево, па предложена била хируршка интервенција веднаш.
Од тој ден кога се случила операцијата, Толевска тврди дека животот и е пекол, врви низ голгота и се плаши дека за неа нема кој да се заземе.
Страв ми е дека поради ова, што јавно зборувам, ќе наидам на уште полош третман во здравствениот систем. Неколку дена пред операцијата имав предменструални болки и цистит. Отидов во болницата во Битола со здрав изглед, ама денеска сум пропадната, премногу слаба, имам изгубено на килограми, имам анемија, неподносливи болки. Крвната слика и сите испитувања пред операцијата беа добри, меѓутоа, ми кажаа дека виделе оти имам дистандирано црево и нешто во стомакот како мандарина. Се исплашив, со крстот на чело, легнав, ја прифатив операцијата. Откако заврши операцијата докторот рече дека ми извадил циста од некое од цревата. Меѓутоа, веднаш по операцијата имав големи болки но мислев дека е од резот. Мојата рана на десната страна е толку долга, што е од папокот до едната нога. Не се смируваа болките после операцијата, крварев и анално, и вагинално, толку ми беше страшна состојбата, што бев зелена после операцијата. Крварев, имав покачена температура, но ме отпишаа од болницата – раскажува Толевска за „Слободен печат“.
По исписот од болницата, состојбата и се влошила во рок од неколку часови.
За два три часа ми се слоши и морав да одам во приватната болница „Плодност“ на ехо. Таму првпат ми беше кажано, дека ми фали десниот јајник. Не можам да го објаснам како ми беше, во болницата во Битола да ми кажат дека ми извадиле циста, а после на приватно да дознаам дека ми фали јајник. Чувствував внатрешни трески. Бев многу здрава и успевав да издржам. Не ми беше паднат имунитетот како сега што ми е. Ми рекоа дека имам хируршки проблем, а не гинеколошки. Одев и паѓав, после оперативно не можев да одам на работа. Пробав секакви начини за да можам да функционирам. Конците требаше да ми се извадат. Го прашав лекарот кај ми е јајникот, ми рече дека му пукнал при операцијата. Од патологија дојде наодот, дека сум имала циста на јајникот, но дека бил здрав – раскажува Толевска.
Целото сведоштво на Виолета Толевска на „Слободен печат“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.